Огромно е разочарувањето на граѓаните од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Причините сите ги знаеме, неисполнети ветувања, катастрофа во економијата, пад на животниот стандард на граѓаните, секојдневни скандали кои ја тресат власта, блокирана иднина на државата. Последните две анкети кои што се направени и завршени пред неколку денови покажуваат пад на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ од 100.000 гласа споредено со ланските избори, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче на работен состанок со општинската организација на СДСМ, Гевгелија.
Претходно од СДСМ соопштија дека „Македонија е претпоследна во Европа по минимална плата. оттаму велат дека ВМРО-ДПМНЕ го згази достоинството на работниците.
„Според најновите податоци на Евростат, Македонија е претпоследна во Европа по висина на минималната плата, позади е само Албанија. Истовремено, Македонија има најнизок стандард на куповна моќ, односно со помалку од 750 стандард на куповна моќ (скм) сме под Литванија со 878 скм, што е најнизок во Европа. Ова се последиците од политиките на ВМРО-ДПМНЕ која упорно одбива да ги прифати мерките за покачување на платите што СДСМ континуирано ги предлага“, соопштија од СДСМ.