Доколку САД се вклучат во ескалирачкиот конфликт меѓу Израел и Иран, еден од најверојатните фокуси би биле подземните ирански објекти за збогатување нуклеарен материјал. Задачата за нивна неутрализација или уништување најверојатно би ѝ припаднала на мал број американски стратешки бомбардери, опремени со специјални бомби со голема пробивна моќ.
Главното оружје во вакво сценарио би било бомбата GBU-57, позната како „бункер-бастер“ или Massive Ordnance Penetrator (MOP) – конвенционално оружје тешко 13.600 килограми, дизајнирано за уништување на длабоко вкопани и засилени цели, како што се тунели и бункери.
Според американското Воено воздухопловство, бомбата има GPS-водење и е наменета за прецизни удари врз добро заштитени цели кои обични бомби не можат да ги погодат. Иако е најтешката конвенционална бомба во американскиот арсенал, досега нема податоци дека некогаш е употребена во борбена мисија.
Официјални извори тврдат дека MOP може да пробие до 60 метри под земја, но поради континуиран развој, нејзините способности најверојатно се уште поголеми. Поранешниот армиски техничар за експлозивни средства Тревор Бол изјави дека новите „паметни осигурувачи“ ѝ овозможуваат на бомбата да детектира празнини како простории или катови додека се движи надолу и да детонира на оптимална длабочина.
Овие бомби може да ги носи само стелт бомбардерот B-2 Spirit, кој е способен за долги интерконтинентални летови со средно воздушно дополнување гориво. Од вкупно 20 вакви авиони, 19 се оперативни.
Потенцијални цели во Иран
Најдлабоко закопаниот нуклеарен објект на Иран е Фордоу, сместен во планина југозападно од Техеран. Објектот е целосно подземен, со тунели, засилени ѕидови и заштитен со над 90 метри карпа. Иако е наводно дизајниран за збогатување ураниум до 20%, најновиот извештај на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) од 31 мај потврдува дека таму се произведува ураниум збогатен до 60%, што е блиску до нивото потребно за нуклеарно оружје.
Експерти предупредуваат дека дури и ако центрифугите за збогатување ураниум во Фордоу бидат уништени, тоа нема да значи крај на иранската нуклеарна програма, бидејќи е можно да постојат и други неоткриени локации или резерви на нуклеарен материјал.
Што се случи досега?
Првичните израелски напади не предизвикале неповратна штета на нуклеарните објекти во Иран, покажуваат снимки и изјави од обете страни. Се верува дека било нападнато подрачјето околу Фордоу, но не и самиот подземен објект.
Нападите врз Натанз, друг главен ирански центар за збогатување, резултирале со уништување на неколку објекти и на електричната инфраструктура. МААЕ потврди дека е уништен надземниот дел познат како Пилот-објект за збогатување, а сателитските снимки укажуваат и на можни удари врз подземните хали.
Израелската војска, исто така, потврди напади врз нуклеарни објекти во Исфахан, воениот комплекс Парчин, реакторот на тешка вода во Арак и постројката во Бушер. Според директорот на МААЕ Рафаел Гроси, објектот во Бушер не бил погоден.
Целата анализа на Вашингтон Пост, ТУКА.
Подготви: Ј. Ѓ.
Прочитајте и…
(ВИДЕО) Што знаеме за тајната нуклеарна централа Фордоу на Иран