Еден ден откако високи ирански претставници, вклучувајќи го и претседателот, го потврдија примирјето меѓу Иран и Израел, се уште нема никаква изјава од врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, личноста која во Иран го има последниот збор за сите клучни државни прашања.
Според Би-Би-Си, иранската и меѓународната јавност чекаат реакција на Хамнеи. Тој последен пат се појави на државната телевизија на 18 јуни, во претходно снимена порака во која го отфрли повикот на американскиот претседател Доналд Трамп за „безусловно предавање“.
Од израелскиот напад на Иран на 13 јуни, не е виден во јавност. Неговите официјални објави на платформата X беа активни до примирјето, но оттогаш нема нови објави.
Последните фотографии кои го прикажуваат во јавно опкружување се од 11 јуни, кога се сретна со членовите на иранскиот парламент.