Претстојното Европско фудбалско првенство во женска конкуренција во Швајцарија ќе постави нов рекорд според бројот на гледачи на стадионите, објави денеска УЕФА.
Европската куќа на фудбалот посочи дека од 673.000 достапни билети за турнирот, кој ќе се одржи од 2 до 27 јули, досега се продадени 570.000, а уште 32.000 ќе бидат достапни за навивачите на националните тимови кои ќе се пласираат во нокаут фазата на натпреварувањето.
Претходниот рекорд за посетеност на женското Европско фудбалско првенство беше поставен на ЕВРО2022 во Англија со продадени 574.875 билети.
Швајцарските организатори и УЕФА се надеваат дека стадионите ќе бидат распродадени за секој од 31-те натпревари што ќе се играат на овогодинешното Европско првенство. УЕФА објави дека најголем интерес за купување билети имало во Швајцарија, Германија и Англија.
На првиот ден од турнирот ќе се играат два натпревари: Исланд – Финска во Тун и Швајцарија – Норвешка во Базел, на стадионот „Сент Јакоб Парк“. Финалниот натпревар исто така ќе се игра на истиот стадион, кој има капацитет од 34.250 гледачи.