Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Техниката на седење на повеќе столчиња во исто време кај српскиот претседател Вучиќ е одамна позната и призната. Но таа практика сè помалку може да се користи во надворешно-политичките релации. Од комерцијален аспект – посебно ако се гледа со очите на повластени семејства кои, едноставно, ги експлоатираат вработените во фабриките за оружје со кои изобилува Србија – девизата „продавам за сите, а каде оружјето се користи не ме интересира“ веќе ги возбудува духовите на сите фронтови, а такви, ќе признаеме, има сè повеќе.
Одекот на таквата политика во стилот „ти си пријател што го вооружува нашиот непријател“, а која се сведува на прашалници кои секако ќе имаат свои консеквенции во меѓународната позиција на Белград, деновиве има свое крешендо: Москва се заканува со прекин на енергетската поддршка на српската економија, додека од антиеврејските коалиции што се прегрупираат во овие мигови, каде Техеран веќе не е изолиран, особено заради поддршката од Москва (!) има „урокливи“ погледи кон Белград.
Лепливите прсти од медот на рацете на Вучиќ и неговата извозна елита одеднаш станаа непријатен доказ во многу широкото интернационално опкружување во дневно вкрстено „испитување“ што практично во претседателската палата во Пионерскиот парк немаше никаков маневарски простор за адекватна одбрана, па шефот на државата изјави дека неговата земја нема повеќе да извезува за никого и ќе работи само за домашни потреби.
На прес конференција, Вучиќ изјави дека неговата земја го запре целиот извоз на муниција во екот на израелско-иранскиот конфликт и честите критики од Москва за Украина. На додатно прашање за врската меѓу актуелниот конфликт на Блискиот Исток, претседателот Александар Вучиќ одговори: „Сега не извезуваме ништо, ќе произведуваме само за потреби на нашата армија… Сега запревме сè. И мора да има посебни одлуки, ако нешто ќе функционира“, изјави тој по седницата на проширениот колегиум на началникот на Генералштабот на српските вооружени сили.
Индикативно е дека веднаш по изјавата на Вучиќ за сопирање на извозот на оружје, со посебен осврт на оној кон Тел Авив, според поранешниот началник на Генералштабот на српската војска во време на власта на Тадиќ – Здравко Понош (63) уште истиот ден од Израел дошол боинг кој земал загадочен товар (да напоменеме дека во широк појас околу Источниот Медитеран во овие денови и нема цивилен воздушен сообраќај!).
Понош, кој сега е лидер на опозициската партија СРЦЕ (Србија центар), а беше директен конкурент на последните претседателски избори на Вучиќ, има извонредни сознанија за тоа што се случува во одбраната. Тој луто изјави дека оружјето што оди во Израел се користи за „порамнување на теренот во Газа за некој таму да гради хотели“. Додаде дека српското оружје нема врска со Иран, ама има врска со алармите кои стигнуваат од Москва (да не заборавиме, нели, дека Иран е во зоната на ексклузивниот интерес на Москва!).
Зборувајќи за соопштението на Министерството за одбрана, во кое се наведува дека во иднина извозот на оружје и воена опрема ќе бара и согласност од Советот за национална безбедност, Понош рече дека законот наведува дека „може да се консултираат и други државни органи“, и дека тие „протолкувале дека одлуката ќе се донесе врз основа на одобрение од Советот за национална безбедност, кој нема овластувања“.
„Поточно, претседателот нема овластувања, тој се покрива со Советот за национална безбедност, кој е семоќно тело преку кое може да ја спроведува својата политика“, истакна тој.
Понош рече дека кога се случила војната во Украина, „Советот за национална безбедност донел одлука што денес се нарекува основа на нашата надворешна политика и став во однос на таа војна – и тоа не е напишано никаде во уставот, ниту пак тоа тело има таква надлежност“.
„Русите се обидуваат да го скротат (Вучиќ), тоа не е само политика, има и воени проблеми. Муницијата што пристигнува таму не е неважна. Додека Вучиќ извезуваше минофрлачки гранати, тоа не било толку важно – но во ситуација кога оваа војна се распаѓа, која порано или подоцна ќе влезе во некакво финале, сите се обидуваат да постигнат некаков напредок. Не е неважно дали овој вид муниција, која има дострел од 40 километри, пристигнува на таков фронт што сега се распаѓа. Ова создава проблем за Русите. Сега се нервозни и велат – доста со тоа. Тие (Русите) го предупредуваат (Вучиќ)“, рече тој.
Тој изјави дека политички гледано, „немавме сериозни последици поради испораката на муниција и во Иран. Секако, дел од населението во Србија е многу неповолно настроен кон ова. Она што се прави е практично зад грбот на домашната јавност, не е дел од официјалната политика на оваа земја, исто како што не е ни пратката муниција за Украина. Очигледно, тоа не е прекршување на никакви санкции, како што реков – во однос на тоа каква муниција се испорачува таму“, истакна тој.
Понош рече дека верува дека барем извозот во Израел е во мотивот за поддршката што се очекува од Израел и од сегашната американска администрација, која има силни врски со сегашната влада во Израел.
Околу десет дена претходно и пред израелскиот напад врз Иран, Вучиќ рече дека Србија е единствената во Европа што соработува со Израел во областа на воената муниција.
Објаснувајќи го ставот на Србија, Вучиќ рече дека „едно е“ што таа прифатила извоз на муниција во Израел по нападот врз таа земја на 7 октомври 2023 година. „Но, денес ситуацијата е поинаква“, рече тој.
Во октомври 2023 година, Израел започна офанзива по нападот на Хамас, кого САД и ЕУ го сметаат за терористичка група. Во тој напад, околу 1.200 луѓе во Израел беа убиени, а 251 лице беше киднапирано.
Но сега во една – можеме да ја наречеме – геноцидна војна со голорако цивилно население, убиени се 60 илјади лица, многу од нив малолетници, деца! Ова наидува на жестоки критики во Унијата, на пример.
Индикативно е дека руската прес-служба на СВР (Надворешна безбедносна служба) издала соопштение во кое се вели дека Украина јавно ѝ се заблагодарува на Србија за помошта во војната, како што вели Москва меѓу „колективниот Запад и Русија“. Се додава дека се работи за индиректен извоз (преку трети земји) каде извезеното се премонтира, а се работи за фабрики во Чешка и Бугарија!
За што конкретно се работи? Фабриката „Крушик“ од Ваљево прави ракети од калибар 122 мм за ракетните системи „Град“ кои формално се од чешко производство („Поличке стројеми“). Фирмата „Елинг“ од Лозница прави ракети од нешто помал калибар и ги извезува преку бугарската компанија „Емко“. Во соопштението од Москва се вели дека е жално што сега „традициите на пријателство и меѓусебна помош се засенети од жедта за профит и кукавичкиот мултивекторизам“. Инаку тоа е второто предупредување од тој тип за Белград.
Според анализата на Александар Ѓокиќ од белградски Радар, евтиниот руски гас на Србија добиен од „баќушките“ овозможил да се привлече западниот капитал во одделни индустриски гранки и да се зајакне режимот на Вучиќ (многу испреговарани инвестиции кај нас заминаа во Србија, мора да се забележи, беа „искраднати“ пред нашите очи).
Но, сега и пред овие закани од Москва, евтиниот гас станува минато! Руските извозници одбиле да склучат долгорочен договор за бенефицирана цена на гасот – долгорочниот договор требало да се склучи на крајот на мај, ама и покрај исполнувањето на условот за тоа (посетата на Вучиќ на парадата на победата на 9 мај одржана во Москва, дефицитарна со странски имиња), истиот е потпишан на кус рок (30 септември). Тоа е еден вид на порака пишува Ѓокиќ, со што власта на Вучиќ сега е заробена помеѓу суровата незаинтересираност на Трамп, бирократските критики од ЕУ и руската гасна уцена.
Теба да се знае дека Србија се врза со рускиот гас по неповолната приватизација на својата нафтена индустрија која ја даде во рацете на Москва! Па навистина ги задоволуваше 89 отсто од своите потреби од Русија, ама таа доаѓаше во инфраструктура која беше странска односно Русите беа и на почетокот и на крајот на увозот! „Гасоводот ’Турски поток’, кој е во функција од 2020 година, испорачува 12 милијарди кубни метри на Балканот годишно, од кои Србија добива две милијарди, а наплаќа транзит за 3,5 милијарди кубни метри за Унгарија. Стратешкото префрлување на Русија на ’Турски поток’ ја заобиколи Украина, но исто така ја зајакна зависноста на Белград од Москва. Намалените испораки од страна на ’Газпром’ во 2022 година за повеќе од 80 проценти предизвикаа најлоша енергетска криза во Европа од 1973 година, додека неутралноста на Србија обезбеди континуирано стабилно снабдување, по цена на политичка послушност“ – коментира Ѓокиќ.
Навистина српските домаќинства, а и стопанството, добивале „џабалеску“ суровина – во трауматичната 2022 година гасот што Србија го купувала по 270 долари за 1.000 кубни метри е далеку под европските 700-1.000 долари. Во мај 2022 година, тригодишниот договор ѝ обезбедил на Србија 2,2 милијарди кубни метри гас по цена од 300 до 420 долари, под цените во тоа време, кои се движеа од 1.200 до 1.400 долари. Но како што се вели – и гасот под цена има своја цена!
Држејќи го Вучиќ на кусо јаже, Москва сака – велат аналитичарите – да го остави во позиција на послушен играч во меѓународните односи. Особено откако ги изгуби Романија и Молдавија. Но, Србија е во однос на извозот премногу врзана за ЕУ. Паралелно тече она што би го нарекле еманципацијата на Европа од енергетската зависност од Русија
Преку инвестиции од 10 милијарди евра во терминали за течен гас – имаме прилагодувања за прием на гас во течна состојба во Александрополис во Грција за што сме претплатени, а има и други инвестиции што воспоставуваат вертикален гасен коридор на Балканот, обезбедувајќи 10 милијарди кубни метри неруски гас годишно. Зависноста на Србија од руски гас во овој миг е сè уште многу силна па прегратката на Москва нема да попушти така лесно. Оваа ситуација не е нималку наивна и за нашата земја, макар и преносно. Како и до сега.