Најмалку осум лица се убиени, а 400 се повредени додека илјадници излегоа на улиците во текот на денот на протестите низ Кенија против владата на претседателот Вилијам Руто, пренесува Би-би-си.
Полицијата се судри со демонстрантите во главниот град Најроби и други градови точно една година по бранот смртоносни антивладини демонстрации што ја погодија нацијата во 2024 година.
Многу од демонстрантите скандираа „Руто мора да си оди“ и мавтаа со гранки како симбол на мирно спротивставување на неговото владеење.
Владата забрани пренос во живо на телевизиските и радио емисии од протестите, но нејзиниот декрет беше поништен од Високиот суд во главниот град Најроби.
Руто ги повика демонстрантите да не го загрозуваат мирот и стабилноста, додека толпите се обидуваа да стигнат до неговата официјална резиденција, но беа потиснати од полицијата.
Претседателот зборуваше на погребна церемонија во крајбрежниот округ Килифи. Неговото отсуство од Државниот дом, неговата официјална резиденција, беше забележливо бидејќи младите демонстранти се заканија дека ќе ја нападнат.
Полицијата употреби барикади и бодликава жица за да ги блокира главните патишта – особено оние што водат до Државниот дом и парламентот.
Властите сè уште не дадоа никакви бројки за жртвите од протестите во среда, но Кенијското медицинско здружение, Здружението на правници на Кенија и Работната група за полициски реформи во заедничка изјава изјавија дека најмалку осум демонстранти биле убиени.
Од 400 повредени, 83 барале „специјализиран третман“, а осум имале прострелни рани. Меѓу повредените имало и тројца полицајци, се додава во соопштението.
Група за човекови права – Амнести Кенија – го зголеми бројот на жртви на 16.
Д. Мишев / Цивил Медиа