Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата ја поддржува иницијативата за воведување отворени изборни листи, при што граѓаните ќе можат директно да избираат меѓу кандидатите, без оглед на нивната позиција на листата.
„Нашиот став за една изборна единица е веќе познат – подготвени сме да седнеме и да разговараме за промена на изборниот модел, но тоа мора да биде донесено со политички консензус. Се работи за тема која различно ја гледаат помалите и поголемите партии, и нивните аргументи се легитимни и треба да се слушнат“, изјави Филипче како одговор на новинарско прашање.
Тој посебно се заложи за отворени листи:
„Сметам дека е многу важно да имаме отворени листи. Да може да се гласа за секој кандидат поединечно, без разлика на кој број е ставен на листата. Така ќе му дадеме вистинска можност на народот да ги избере најдобрите и најквалитетните претставници“, рече Филипче.
Според него, ова прашање ќе биде дел од разговорите за следниот изборен циклус, во кој СДСМ ќе инсистира на изборен систем кој повеќе ќе ја одразува волјата на граѓаните.