Астрономи во Австралија во јуни 2024 година регистрираа невообичаено силен радио-сигнал, кој накратко ги засени сите други извори на радијација на небото. Откритието првично се сметаше за знак на мистериозен вселенски објект, но истражувањето откри дека потекнува од нешто многу поблиску — стар, нефункционален сателит лансиран уште во 1964 година.
„Се возбудивме, мислејќи дека откривме непознат објект во близина на Земјата,“ изјави Кланси Џејмс, доцент на Универзитетот Кертин и истражувач на Институтот за радиоастрономија во Западна Австралија.
Податоците доаѓале од радио-телескопот ASKAP (Australian Square Kilometre Array Pathfinder), составен од 36 антени на територијата на Важари Јамаџи. Тимот вообичаено трага по т.н. брзи радио-експлозии (fast radio bursts) кои потекнуваат од далечни галаксии, но овојпат сигналот доаѓал од само околу 4.500 километри оддалеченост — преголема блискост за тоа да биде астрономски објект.
„Откривме дека се совпаѓа со старата орбита на експерименталниот сателит Relay 2. Немаше друг сателит во близина,“ рече Џејмс.
Сателитот Relay 2 е лансиран од НАСА во 1964 година, а неговата мисија завршила само три години подоцна. Оттогаш кружи како вселенски отпад. Тимот се запрашал како е можно „мртов“ сателит повторно да испрати сигнал. По детална анализа, заклучиле дека станува збор за краткотрајна, но ултра-моќна искра — веројатно резултат на електростатички празнеж.
„Се натрупале електрони на металната обвивка на сателитот, што довело до краток спој и предизвикало радио-блесок,“ објаснува Џејмс. „Тоа е слично како кога ќе се наелектризираш од тепихот и ќе го допреш пријателот.“
Како алтернативна, но помалку веројатна причина се споменува и удар на микрометеорит, кој при брзини над 20 km/s би можел да произведе плазма и краткотраен радио-сигнал. Сепак, истражувачите сметаат дека електростатичкиот празнеж е поверојатниот извор.
Овој настан, според Џејмс, покажува дека радио-телескопите можат да детектираат „чудни работи што им се случуваат на сателитите“, и дека идните истражувања би можеле да користат поедноставни инструменти за да ги следат ваквите појави. Тој предупредува дека зголемувањето на бројот на сателити го зголемува ризикот од мешање со астрономските податоци, особено при набљудување на радио-сигнали што траат милијардити дел од секундата.
„Ако сателити може да произведат вакви блесоци, ќе мораме да бидеме крајно внимателни да не ги мешаме со вистински космички извори,“ вели Џејмс.
Професори од Универзитетите во Корнел и Манчестер, кои не учествувале во студијата, го оценија заклучокот како „реалистичен и веројатен“. Нивниот став е дека ваквите испади од човечки објекти ќе бараат уште попрецизна анализа при идентификацијата на радио-сигнали од универзумот.
Истражувањето ќе биде објавено во списанието The Astrophysical Journal Letters, а научниците веќе очекуваат новите телескопи како SKA-Low (кој се гради во Австралија) да понудат појасни одговори за ваквите феномени.
Извор: Си-Ен-Ен
Редакција Фронтлајн