Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи на комисиската расправа за ребалансот на буџетот на собраниската говорница стави „розови очила за читање на ребалансот на буџетот“.
Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика – розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели, рече тој.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот „рекорден инвестициски циклус“. Реториката со алтернативни пресметки не го заменува вистинското отчетување.
Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка“, потенцираше Битиќи.
Нагласи дека во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
„Во структурата на расходите се открива политичката агенда на Владата, која сè поотворено го користи буџетот за предизборна мобилизација. Зголемувањето на пензиите за околу 40 милиони евра укажува на ново предизборно зголемување кое не е резултат на одржлива реформа. Зголемувањето на платите за 14 милиони евра во јавната админстрација отвора простор за партиски вработувања, што ја поткопува институционалната професионалност и генерира долгорочни трошоци без развоен ефект. Особено вознемирувачки е скокот на расходите за договорни услуги за 30 милиони евра без зголемена отчетност, што отвора сомнежи за нетранспарентна и потенцијално коруптивна потрошувачка.“, рече Битиќи.
Сето тоа се дополнува со зголемени трансфери од 3,8% до локалната самоуправа и тројно зголемени буџетски резерви (од 200 на 595 милиони денари) без прецизни и таргетирани програми. Во изборна година, ваквиот тренд повеќе наликува на финансиско вооружување за политичка потреба отколку на одговорно управување со јавните средства, потенцира Битиќи.
Претходно пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска на прес-конференција во Собранието за ребалансот на буџетот, истакна дека СДСМ поднесува 160 амандмани за стандардот на граѓаните, здравството и жртвите од Кочани
„Овој ребаланс е фискално нереален, социјално штетен и без развојна компонента“, истакна пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска на денешната собраниска расправа за ребалансот на Буџетот.
СДСМ поднесува 160 амандмани со кои се бара поддршка за итна корекција на штетните политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН – за да има пари таму каде што најмногу треба: кај граѓаните, во здравството, образованието и за жртвите од трагедијата во Кочани.
„Со овој ребаланс нема пари за повредените и семејствата на настраданите во Кочани, нема пари за повисоки плати, нема нови мерки за заштита на стандардот. Владата крати од граѓаните, за да си го зголеми луксузот“, рече Лукаревска.
Клучни амандмани што СДСМ ги предлага:
-934 милиони денари за поддршка за семејствата на загинатите и повредените во Кочани
-60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани, 20 милиони за нова медицинска опрема
-Медицинска опрема, магнетни резонанци, дефибрилатори, вентилатори, боци со кислород и инсулин
-10% зголемување на платите на наставниците во основното и средното образование
-Бесплатен превоз за ученици од рурални средини
-Зголемени стипендии и поддршка за студенти од социјално ранливи семејства
-Повеќе пари во инфраструктура: за нови училишта, патишта, канализации, здравствени установи, градинки, домови за стари лица, повеќе пари за Сојузот на борци.
„Ова се реални и одговорни предлози. За нив има пари – ако се скрати расипничкото трошење на Владата. Наместо папаја, манго и приватни авиони за функционерите, време е парите да одат кај народот“, нагласи Лукаревска.
СДСМ апелира до сите пратеници, без оглед на политичката припадност, да ги поддржат овие амандмани.
„Ова не е момент за партиска калкулација, туку за солидарност, одговорност и праведност. Македонија заслужува повеќе!“, порача Лукаревска.
Во собраниската Комисија за финансирање и буџет претпладнево почна дебатата по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година, во второ читање, за кој поднесени се над 200 амандамни.
Вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот на 2025 година според проекциите на Владата ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент.
Заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски образложи дека предложените измени и дополнувања на Буџетот се потврда на фискалната политика за неопходноста од консолидација и подобрено управување со јавните финансии. Се базираат, како што појасни, на непроменети макроекономски претпоставки и прилагодување на фискалните проекции кои на расходната страна обезбедуваат целосно финансирање и реализирање на стратешките приоритети и програмски определби без да се промени нивото на буџетскиот дефицит.
– Целта е непречено извршување на Буџетот и одржување на идентично ниво на буџетскиот дефицит планиран со иницијалниот Буџет. Со ревидираните фискални проекции се врши усогласување на расходите со досегашната реализација и очекувањата, односно се дообезбедуваат средства за исплата на плати, пензии, програмски и проектни активности со едновремено искористувања на средствата од предходните години на посебните сметки, наведе Јанкуловски.
Општиот претрес и амандманската расправа треба да завршат за десет дена.
Ј. Ѓ.