Град Скопје предупредува на алармантната состојба со снабдувањето со питка вода, особено во услови на високи температури и суша. Според нивната објава, капацитетот на природниот извор Рашче и дополнителниот бунарски систем е недоволен да одговори на рекордната потрошувачка на вода во градот.
„Водата е ПРИРОДЕН РЕСУРС, не се произведува во фабрика, извира од природата. Не е до мрежата, не е до цевките, едноставно од природниот извор на градот и дополнителниот бунарски систем нема капацитет да извира питка вода колку што дел од жителите трошат,“ наведуваат од Град Скопје.
Во објавата се посочува дека во изминатиот месец е измерена рекордна дневна потрошувачка од 356.000 метри кубни, што, според пресметките на Градот, би значело „потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител“.
Дополнителен проблем, велат, претставуваат дивите приклучоци: „Секој ден се фаќаат по 30 ДИВИ ПРИКЛУЧОЦИ од кои си наводнуваат цели ниви, приклучоци на дивоградби, на полнење базени, истите ни денар не плаќаат затоа нерационално трошат бидејќи ја добиваат за џабе, а МВР не постапува.“
Според градските власти, ваквото неказнето однесување поттикнува чувство на недопирливост кај поединци: „Тогаш мафијашите мислат дека можат да прават што сакаат и ќе си поминат неказнето, а нивниот број се зголемува. Сите скопјани трпат штета од таквите, сред најголемите горештини нема вода од таквите, 700 литри вода по жител на Скопје е колку овие ликови трошат на грбот на Скопјани и на природниот извор Рашче.“
Градот остро предупредува: „Додека не пикнат еден од овие во затвор, состојбите само ќе се влошуваат, А ДРУГ ИЗВОР НА ВОДА НЕМАМЕ и нема како да се добие вода, џабе негодувања, џабе жалење.“
Во својата објава, Град Скопје изнесе и сериозна обвинувачка информација за инцидент поврзан со див приклучок. „На последниот случај на фатен како прави див приклучок сторител беше извесен инспектор од МВР наречен Бујо, кој во бес дека се фатени сред дело, физички ја нападна советничката во Град Скопје Ирена Витина пред очите на неговите колеги од МВР кои не реагираа на нападот, иако истиот беше пред 10 сведоци и целиот настан е снимен од почеток до крај.“
Ј. Ѓ.