Последниот ден од германското првенство во велодромски велосипедизам во Дуденхофен беше прекинат откако двајца натпреварувачи прелетаа преку заштитната ограда и се удрија во група гледачи, повредувајќи седуммина од нив, од кои двајца потешко.
Несреќата се случи во полуфиналната серија кога двајца велосипедисти, движејќи се со брзина од 60 километри на час излетаа од патеката во последната кривина и се удрија во група гледачи.
Седум гледачи се повредени, од кои двајца посериозно повредени се префрлени во болница со хеликоптер. Двајцата велосипедисти минаа без потешки повреди, само со гребнатини и модринки.
„Здравјето на спортистите и гледачите секогаш е на прво место. Затоа, откажувањето на настанот беше неизбежно. Им посакуваме брзо закрепнување на сите повредени“, изјави директорот за маркетинг и комуникации на Германската велосипедска федерација, Оливер Штрајх.