Сара Мејс ја промовираше својата најнова песна „Убав е“, музичка приказна што лесно влегува во уши, а долго останува во сеќавањето. Станува збор за емотивна и енергична песна со диско-елементи, за која Сара самата ги потпишува музиката и текстот, а аранжманот го изработи Роберт Билбилов.
Песната, која се очекува да стане летен хит, е проследена со видеоспот снимен на плажите во Грција и во Скопје, во кој преовладуваат морски пејзажи, зајдисонце и визуелна естетика што ја надополнува атмосферата на песната.
„Да нема сонце, ќе можам. Да нема вода, ќе можам. Да немам никој, ќе можам. Но, без него не можам“ – гласи еден од најемотивните стихови, преку кои Сара ја раскажува приказната за жена што се преиспитува и се соочува со сопствените чувства.
„Убав е“ не е само уште една љубовна песна – туку и интимна исповед со која многумина ќе се идентификуваат. Љубовта, како што вели Сара, останува вечна инспирација – сложена, но длабоко човечка.
Стајлингот на Сара во видеото е во знакот на летна женственост и слобода, за кој се погрижи Фросина ФРАН Ангеловска, исто како и за нејзината шминка. Фризурата е дело на HairHouse.