Дипломатските средства за решавање на руско-украинската војна „се исцрпени“, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц во Парламентот, ветувајќи понатамошна помош за Кијив.
Коментарите доаѓаат откако неодамнешните руско-украински мировни преговори во Истанбул не успеаја да постигнат никаков напредок во запирањето на непријателствата, освен договор за нова размена на затвореници.
– Кога криминален режим отворено го доведува во прашање правото на друга земја да постои со воена сила и се обидува да го уништи политичкиот поредок на слободата на целиот европски континент, федералната влада што ја водам ќе стори сè што е во нејзина моќ за да го спречи ова, рече Мерц, пренесува Гардијан.
Германскиот канцелар вети дека ќе ја задржи поддршката за Украина „дури и наспроти притисокот на политичката левица и проруската десница во овој дом“.
Во исто време, Мерц изрази оптимизам дека Европската унија и САД ќе постигнат трговски договор најдоцна до крајот на месецов.
– Нашата цел е што е можно побрзо склучување на договор кој ќе го олесни взаемниот трговски однос со најниски можни царински давачки – рече тој, додавајќи дека е во постојан контакт со американскиот претседател Доналд Трамп и со Европската комисија.
Според извор запознаен со темата, Мерц планира прва официјална посета на Кина до крајот на годинава, придружуван од делегација високи бизнис менаџери.
Западни медиуми оценуваат дека посетата на канцеларот на најголемата европска економија и еден од главните трговски партнери на Кина ќе има големо значење за односите меѓу Берлин и Пекинг, во услови на затегнати односи меѓу САД и Кина поради царинските политики.
Кинеските компании се надеваат дека ќе ги зголемат инвестициите во Германија, а посетата на Мерц може да придонесе за смирување на тензиите.
Посетата, која евентуално би се одржала во октомври, сè уште не е дефинитивно договорена.