Американскиот весник „Волстрит џурнал“ повикувајќи се на неименувани извори објави дека претседателот на САД, Доналд Трамп размислува за префрлање на уште еден систем за воздушна одбрана Патриот во Украина.
– Тоа би можело да биде првата голема испорака на оружје за Украина, со одлука донесена од администрацијата на актуелниот претседател, а не неговиот претходник Џо Бајден, истакна „Волстрит џурнал“.
Весникот посочува дека американските претставници истражуваат дали и други западни земји ќе можат да префрлат системи за воздушна одбрана во Украина.
„Волстрит џурнал“ наведе и дека Украина добила вкупно три системи Патриот од САД, три од Германија и еден од неколку европски земји.
Сè уште не е познато колку пресретнувачки ракети ќе можат САД и сојузниците да обезбедат за Киев, бидејќи конфликтот во Украина и воените операции на Блиски Исток ги исцрпија резервите од овој вид оружје, објави „Волстрит џурнал“.