Пишува: ПЕТАР АРСОВСКИ
Во последниов период, се подигна целосна драмолетка околу изгласувањето на извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ, особено после политичките надмудрувања со амандманите за јазикот и идентитетот. Во целиот галиматијас, мислам дека се издигнавме до нови височини на хистерија и генерализација на ваквиот епилог, кои можеби не се соодветни во оваа ситуација. Во секој случај, имам повеќе дилеми кои мислам дека се вредни да ги поставиме и дебатираме, за работите да ги погледнеме во вистински контекст.
Прво, дали се потрудивме да одговараме на прашања кои не беа поставени? Факт е дека оваа битка во извештајот е една авантура која ја враќа дебатата на теми кои мислевме дека се затворени. Дали отворивме дебата која не ни беше потребна – најверојатно да. Да парафразирам – нам навистина не ни е потребна дозвола или потврда дека постоиме, и теми кои се потценувачки за разговор, не треба да ги отвораме. Со подигањето на оваа тема на ниво на политички инструмент, преку внесување на квалификации за идентитетот, на кои не им е местото во извештајот, ќе добиеме потешка ситуација понатаму.
Второ, дали ние напаѓавме или се браневме? Не е докрај јасна генезата на оваа полемика, дали по наша иницијатива е вметната формулација за „многувековен македонски јазик“, на која останатите пратеници во Европарламентот реагираа, или пак, обратно, имало обид да се ограничи македонскиот јазик како „современ“, алудирајќи на неговата наводна вештачка или политичка генеза, на што ние сме се бранеле. Не дека таквиот податок ќе го смени епилогот, но мислам дека е добро да го знаеме потеклото на проблемот, зашто таквите сознанија ќе покажат дали има проактивна негаторска политика во кулоарите на Брисел, или сепак се работи за реактивна заштита на унилатералните позиции на опонентите на нашиот јазик во ЕУ.
Хистерија околу технички документ
Трето, како ќе го дочекаме овој резултат дома? Најверојатниот исход од оваа авантура ќе биде јасно зголемување на евроскептицизмот, пресликано како крунски наводен доказ за домашните опоненти на ЕУ, дека со ова „се откриле вистинските намери“ на бриселската администрација. Мислам дека би било пораз тоа да се претвори во една дефанзивна и пасивно агресивна политика кон ЕУ, во една општа хистерија која ќе нѐ стави во перманентен „гард“. Со други зборови, мислам дека ваквиот резултат треба да се апсорбира трезвено и без голема доза на романтика, а за жал, мислам дека атмосферата е токму обратна.
Четврто, да не креваме премногу врева околу ништо? Со целото разбирање за лошата реторика која доаѓа од некои пратеници од ЕУ-парламентот, и со целата свесност за тоа на каков „нож“ тоа ќе биде дочекано дома, не сум сигурен дека можеби правиме хистерија околу еден, во основа, технички документ, кој никако не создава или дефинира политика на ЕУ кон нас, особено не кон јазикот и идентитетот. Ниту изгласувањето на фамозните амандмани ќе значеше дека ЕУ го потврдува нашиот идентитет, ниту отстранувањето на истите значи дека тие идентитетот го негираат. Во основа, се работи за политички дриблинг и маневри, кои непотребно го претворија извештајот во поле за политички натпревар. Во таа смисла, исходот, каков и да беше, ќе беше, во најдобар случај, симболичен.
Петто, и најважно, како да постапуваме понатаму? Мислам дека треба да ја „оладиме“ дебатата, и со трезвени глави, без лажна патриотска еуфорија или нагласен дефетизам, да се вратиме на позициите од преговарачката рамка, кои се во согласност со нашата стратегија на ова поле: ЕУ да не го спори нашиот идентитет, а Бугарија, унилатерално (што е позиција за лузери, во основа), нека мисли што сака. Во таа смисла, нашата досегашна стратегија беше, наместо да удираме во чело, борејќи се со ветерниците на националистичките политики на соседите, да се протнеме низ пукнатините, без преголемо бранување на овие теми. Последниве настани како да нѐ враќаат на првата опција – директна борба: пограндиозна, поподатлива за домашна употреба, но, се плашам, може да се покаже помалку ефикасна во резултатите на крајот.
Менување на условите
Мала е веројатноста дека ние ќе успееме да ги смениме условите на она што формално, е веќе прифатено, и никогаш официјално не станало спорно, барем што се однесува до Брисел, а тоа е целосниот опфат на преговарачката рамка. Од перспектива на ЕУ, ние никогаш не сме оспориле дека тоа се условите, ние само не ги исполнуваме. Во таа смисла, сѐ уште сметам дека за нас најдобра стратегија не е да ги менуваме овие услови, но да се погрижиме дека ќе бидат последни билатерални прашања. Такви најави веќе дојдоа од Бугарија, и мислам дека сме ја сензибилизирале ЕУ доволно на тоа прашање, така што за нас најдобро е, ако можеме, да направиме нови билатерални услови да значат политичко самоубиство за Бугарија, а како што се однесуваат, тоа изгледа нема да биде многу тешко.
На крајот, ние се бориме и со други предизвици во таа смисла: секоја година, бројот на наши граѓани кои вадат бугарски пасоши се зголемува – тоа е далеку поголема „бугаризација“, одошто внесување на три илјади граѓани во Уставот, без оглед на ризиците во процесот понатаму. Иронијата да биде уште поголема, најчесто токму тие со тајни бугарски пасоши, јавно по правило се најголеми противници на менување на Уставот, најтврди патриоти. Значи, тие, кои станаа Бугари, да влезат во ЕУ, а ние, кои останавме Македонци, да останеме надвор. Патриотски, нема што.