Американскиот државен секретар Марко Рубио најави дека САД ќе воведат санкции против специјалната известувачка на Обединетите нации за палестинските територии, Франческа Албанезе, поради нејзините обиди да го ангажира Меѓународниот кривичен суд (МКС) против американски и израелски функционери и компании.
„Незаконските и срамни обиди на Албанезе да го охрабри МКС да преземе дејства против официјални претставници и компании од САД и Израел повеќе нема да се толерираат“, напиша Рубио на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).
Портпаролот на Албанезе засега не даде коментар. Италијанската правничка неодамна повика на оружено ембарго против Израел и прекин на трговските и финансиските односи, обвинувајќи ја израелската држава за „геноцидна кампања во Газа“.
Во нејзиниот извештај објавен овој месец, Албанезе именува над 60 компании, вклучително и производители на оружје и технолошки фирми, како поддржувачи на израелската воена политика, како и политиката за ширење на доселеничките населби на Западниот брег. Таа повика да биде запрено водењето бизнис со Израел и правна одговорност за тие што, според неа, ги прекршуваат меѓународните закони.
Албанезе е една од десетици независни експерти за човекови права именувани од ОН. Нивните мислења не ја претставуваат позицијата на Обединетите нации.
Откако Доналд Трамп повторно ја презеде функцијата претседател на 20 јануари, неговата администрација ги прекина врските со Советот за човекови права на ОН и го продолжи замрзнувањето на финансирањето за Агенцијата на ОН за палестинските бегалци.
Минатиот месец, САД воведоа санкции за четворица судии на МКС, како реакција на наредбата за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и претходната истрага за наводни воени злосторства на американски војници во Авганистан.