Денеска почнува 25-от јубилеен Егзит фестивал, кој ќе трае до недела, 13 јули, на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, соопштија организаторите.
Тие потсетија дека општествената атмосфера во Србија потсетува на почетоците на Егзит пред 25 години, кога фестивалот беше симбол на младински бунт. Поради поддршката на студентските протести, организаторите се соочуваат со целосен прекин на државното кофинансирање, што го принудува фестивалот да ја напушти земјата од следната година.
– Кога ги започнавме подготовките за овогодинешниот јубилеен фестивал, не можевме ни да сонуваме дека ќе го дочекаме во атмосфера на општествени конфликти, насилство и апсења на студенти и граѓани. Сепак, токму затоа е важно сега да го одржиме Егзит и да испратиме порака до светот за храброста на младите луѓе во Србија, кои ги бранат универзалните вредности во својата земја, велат од тимот на Егзит.
На фестивалот ќе настапат икони на урбаната сцена кои гласно застанале зад студентите, меѓу кои Гоблини, Марчело, Марко Луис, Атеист Рап, Бојана Вунтуришевиќ, Партибрејкерси, Ритам Нереда, Цоби, Никола Врањковиќ, Џони Миднајт Трио, Канда, Коџа и Небојша, Охајо и многу други.
Во соработка со студентите кои блокираат неколку факултети во Србија, ќе биде организирана бина „Free Students“, каде што ќе настапат студентски бендови и диџеи. На Петроварадинската тврдина ќе биде поставена и изложба посветена на студентските протести.
Егзит од почетокот на протестите повеќе од десетина пати јавно ги поддржа студентите, повикувајќи и многу светски музичари да им дадат поддршка.
Особено се истакнува поддршката од Боб Гелдоф, иницијаторот на легендарниот „Live Aid“, кој на Егзит го одбележува 40-годишниот јубилеј од тој историски настан, продолжувајќи ја својата мисија – музиката да биде двигател на глобални промени.
Гелдоф ќе настапи на отворањето на фестивалот со својот бенд „Boomtown Rats“, а ќе му се придружи италијанската уметница Гала, чиј хит „Freed from Desire“ стана химна на студентските протести и симбол на уличните акции и борба.
Видео ретроспективата по повод јубилејот ги осветли клучните моменти од историјата на фестивалот – од храбриот почеток во екот на младинскиот бунт, до создавањето на еден од највлијателните музички фестивали денес.
На јубилејниот Егзит ќе настапат и некои од најголемите имиња на светската и регионалната музичка сцена: „Секс Пистолс“ и Френк Картер, „Продиџи“, „Gloryhammer“, „DJ Snake“, Ерик Приц, Лорин, „Hurts“, Борис Брејча, Индира Паганото, Соломун, „I Hate Models“, „Hot Since 82“, Сара Ландри, „KI/KI“, Мау П и многу други.