Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето на Канал 5 предупреди дека одложувањето на храбрите одлуки за реформите и европскиот пат ја става државата во статус кво и директно ја загрозува иднината на граѓаните.
„Проблемот со Бугарија ние нема да го решиме ни брзо ни лесно. Прашањето е: дали додека го решаваме проблемот со Бугарија ќе стагнираме, нема да имаме никакви реформи, нема да ги направиме Уставните промени за коишто сите велиме, вклучувајќи ВМРО-ДПМНЕ, дека немаат проблем да се внесат Бугарите во Уставот?“, рече Филипче.
Тој истакна дека реформите се клучни за европската перспектива и за подобар живот. „После тоа треба да се отворат поглавјата, да почне вистинската реформа на правниот систем, да се донесат реформските закони, од делот на енергетиката, од европските коридори и така да ги добиеме европските фондови. Или едноставно ќе чекаме и ќе велиме ‘Бугарите не нè признаваат’ и ќе останеме со ризикот по јазикот, по идентитетот — секогаш ќе има некои тенденции — и ништо нема да направиме,“ истакна Филипче.
Тој порача дека понудата за излез од ќорсокакот е на маса веќе три години и државата не смее повеќе да губи време. „Добро, ете, тоа е на масата. Три години е на масата таа понуда. До кога ќе чекаме?“, праша Филипче.
Претседателот на СДСМ го спореди сегашното однесување на власта со погубни политики од минатото во регионот. „Ајде да претпоставиме дека оваа влада нема да направи ништо за да ја подобри нашата преговарачка позиција. До кога ќе чекаат? Многу пати, многу влади во многу земји од регионот ја држеле земјата во статус кво, собирале огромен број на луѓе на митинзи на Газиместан, на пример, стотици илјади Срби доаѓаа, па се покажа после деценија и повеќе дека таа политика не е во национален интерес на Србија и на Србите. Ние до кога ќе чекаме и што ќе правиме?“, рече Филипче.
„Го споредувам концептот дека една верба дека правите нешто добро може да излезе дека е нешто што е целосно спротивно на националните интереси, а времето поминало,“ заклучи тој.