Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го пофали планот за штедење што вчера го претстави премиерот Франсоа Бајру, оценувајќи го како „храбар, смел и луциден“.
Макрон ова го изјави на состанокот на Советот на министри, соопшти портпаролката на владата Софи Прима, пренесува телевизијата БФМ.
Како што наведе таа, францускиот претседател му се заблагодарил на премиерот, ја охрабрил владата и потсетил дека економскиот раст е силата на француската нација.
Бајру вчера го претстави буџетскиот план на неговата влада, со цел да се остварат заштеди од 43,8 милијарди евра за да се намали дефицитот од 5,8 отсто од БДП во 2024 година на 4,6 отсто. По објавувањето на новиот план, на Бајру му се заканува повторно гласање за недоверба, пред сè од страна на Социјалистичката партија и Националниот собир.
Бајру вчера, на прес-конференција, го претстави планот за намалување на државниот долг кој, според него, се зголемува за 5.000 евра секоја секунда. Според неговиот план, долгот треба постепено да се урамнотежи во рок од пет години, достигнувајќи 2,8 отсто во 2029 година.
– Сите ќе мора да учествуваат во тие напори, предупреди Бајру, но истакна дека планот ќе биде „поднослив за сите“.
Планот предвидува 3.000 помалку работни места во јавната администрација во 2026 година, како и укинување на „непродуктивни агенции“, со 1.000 до 1.500 укинати работни места. Покрај тоа, социјалните давачки нема повеќе да растат, како ни пензиите, а правилото е „нема да има зголемувања, но ниту намалувања“. Даночните стапки на приходите и социјалните придонеси исто така ќе останат на овогодишното ниво. Сите овие мерки ќе овозможат да се заштедат седум милијарди евра, рече Бајру.
Францускиот премиер најави дека придонесите за високи приходи, кои беа воведени минатата година, повторно ќе бидат активирани, со нов „солидарен придонес“. Најави и предлог-закон наесен со цел борба против „сите видови проневери“.
Исто така, предложи да се укинат два државни празника за целата земја повеќе да работи, а како пример ги наведе Велигденскиот понеделник и 8 мај, бидејќи нивното укинување би донело „повеќе милијарди евра“ за државата.
Бајру рече и дека сака да ги подобри условите за работа за сите, да го олесни вработувањето и да го зголеми отворањето работни места секогаш кога тоа е можно.