Италијанската премиерка Џорџа Мелони го спореди водењето на владата со „скокање со падобран секој ден“, нагласувајќи дека не смее да си дозволи грешки.
На церемонија за прием на нови вработени во италијанската тајна служба, Мелони ја раскажа приказната за американскиот пилот Чарлс Пламб, кој преживеал пад со падобран откако неговиот авион бил соборен во Виетнам, и подоцна му се заблагодарил на морнарот што го подготвил падобранот. Премиерката ја искористи оваа метафора за да го опише секојдневниот притисок и важноста на одлуките што ги носи.
– Во свет што се менува толку брзо, сликата на скок со падобран не е само метафора – таа многу точно ја отсликува реалноста со која се соочуваат тие што ја водат нацијата, изјави Мелони, додавајќи дека „ако мојот падобран не е правилно подготвен, ќе страдаат други Италијанци“.
Мелони истакна дека одлуките со голема важност мора да се носат брзо, често без доволно време за подготвка или истражување.
Коалицијата предводена од Мелони е на власт речиси три години, што претставува редок период на политичка стабилност во Италија, оцени „Гардијан“.