Со солистички концерт на Кокан Димушевски, вечер во Битола почнува 19-то издание на Балканскиот етно фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција 2025 “.
„Локум фест“ е единствен фестивал на Балканот кој ги спојува традиционалната градска музика со fusion & world music, и зад себе има над 110 реализирани концерти на ансамбли од Македонија, Балканот и светот, а се одржува на културно-историски локации промовирајќи ги истите како сцена.
-Годинава слоган на фестивалот е „Наследството како сцена“. Инспирацијата за Локум фест доаѓа од живото културно наследство на некогашна конзулска Битола, која била важен воено-економски центар и цивилизациска крстосница, дом на бројни етноси и амалгам на култури, каде се вкрстувале византиската, ориенталната, сефардската и европската култура. Локум фест е фестивал кој повикува на средба, меѓу културите и еден дух. Истовремено е атрактивен за туристи од земјата и странство и веќе со години промовира културен туризам као дел од локалната и национална туристичка понуда, информираа од фестивалскиот прес центар во пресрет на вечерашното отворање закажано во пациото на битолскиот музеј.
По прв пат паралелно со Битола, Локум фест ќе се случува и во Скопје, каде во соработка со Public room на 18 јули ќе настапат грчката група Reggetiko project и руската група VEDAN KOLOD, а следната година кога се одбележува 20 години Локум фест, фестивалот ќе се дисперзира на неколку автентични локации во Македонија и регионот.