Светиот архијерејски синод на Православната црква во Америка донесе одлука за признавање на каноничноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и целосно евхаристиско општење со нејзините епископи, свештенство и верници.
Оваа одлука, како што пренесува Литургија.мк, беше соопштена од страна на поглаварот на Православната црква во Америка, архиепископот Вашингтонски и митрополит на сета Америка и Канада г.г. Тихон во неговиот извештај од 15 јули 2025 година, претставен пред 21-от Сеамерикански црковен собор, кој оваа недела се одржува во Феникс, Аризона, САД.
Оваа одлука следи по барање на српскиот патријархот Српски г.г. Порфириј кој во официјална кореспонденција со митрополитот Тихон, побара Православната црква во Америка, согласно Томосот даден од Српската православна црква, да ја признае автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Канцелариите на митрополитот Тихон и архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан се во комуникација и планираат сослужување помеѓу двајцата претстоители, кое ќе се одржи во катедралата „Свети Никола“ во Вашингтон. Ова сослужување, како што информираше митрополитот Тихон на Сеамериканскиот Собор, ќе биде крунисано со свечено признавање на автокефалноста на Македонската православна црква, која го зазема своето место покрај Православната црква во Америка како целосно автокефална помесна православна црква – се вели во известувањето на официјалната веб странница на Православната црква во Америка.
Прочитајте и…