Координаторот за итна помош на ОН, Том Флечер, вчера го повика Советот за безбедност на ОН да оцени дали Израел ги исполнува своите обврски во Газа, предупредувајќи дека хуманитарната ситуација станала катастрофална.
– Израел, како окупаторска сила, е обврзан да обезбеди луѓето да имаат храна и медицински материјали. Но, тоа не се случува, рече Флечер во Њујорк. „Наместо тоа, цивилите се изложени на смрт и повреди, присилно раселување, лишени од достоинство“, додаде тој
Флечер истакна дека се работи за драматични услови, нагласувајќи дека „нема доволно зборови за да ги опише условите во Газа.“
– Снемува храна. Оние што ја бараат ризикуваат да бидат застрелани. Луѓето умираат обидувајќи се да ги нахранат своите семејства, рече тој.
Флечер, исто така, се осврна на неодамнешните изјави на членови на израелската влада за намерно лишување на Палестинците од храна.
– Користењето на изгладнување на цивилите како метод на војување секако би било воено злосторство, рече тој.
– Не мора да избираме, и всушност, не смееме да избираме, помеѓу барањето за прекин на изгладнувањето на цивилите во Газа и барањето за безусловно ослободување на сите заложници, изјави Флечер.
– И мора да го отфрлиме антисемитизмот. Мора да се бориме против него со секое влакно од нашата ДНК. Но, исто така, мора да го држиме Израел до истите принципи и закони кои важат за сите други држави, рече координаторот за итна помош на ОН.