Подобри услови за работа, признавање на образованието, преквалификации од една специјалност во друга, доедукација, повисоки плати се меѓу причините поради кои медицински сестри заминуваат на работа во други земји. Со недостиг на медицински сестри се соочуваат земјите од регионот, меѓу кои и Македонија, но и дел од другите европски земји…
Унијата на здруженијата на медицинските сестри, акушерки, стоматолошки сестри предводени од Здружението „За нас“ апелира да се отворат конкурси за вработување медицински сестри, бидејќи недостигаат 6.000. Од Министерството за здравство за МИА информираат дека во тек се вработувања на 240 медицински сестри и дека планирано е во следниот период да има вработувања на двојно поголем број медицински сестри во јавните здравствени установи низ државата.
-Според податоците од Институтот за јавно здравје, во Македонија има 9.200 медицински сестри, што значи дека се работи за многу мал број според бројот на жители. Во државава недостигаат околу 40 проценти медицински сестри и ако треба да бидеме 14.000, 15.000 медицински сестри, значи недостигаат околу 6.000, вели во изјава за МИА претседателката на Унијата на здруженијата, Гордана Бешлиоска.
Таа посочува дека во последно време има тренд на заминување на наши медицински сестри и во Словенија и во Хрватска, каде има комори на медицински сестри, признаено им е образованието, личните доходи им се многу повисоки, има континуирани и отворени конкурси и веднаш можете да се вработите.
-Не може да ви се одлеваат медицински сестри во пензија, да имате сестри со договор на дело, да не ги вработувате со години во болниците. Тоа е невиден парадокс. На тој начин сами ги бркаме да си одат. Во болници во земјите од регионот има преквалификации од една специјалност во друга, ги доедуцираат и надградуваат за да можат да ги надополнат критичните единици и интезивните неги, вели Бешлиоска и посочува дека мора да има континуирани конкурси, како што има во Србија, Хрватска и другите земји во регионот.
Како пример го посочи Клиничкиот центар во Бања Лука каде има отворен конкурс без никакви услови и во секое време сестра може да дојде, да конкурира и да се вработи. Според Бешлиоска нужно е во моментов се што се има од овој кадар на располагање да се овозможи под итно да влезе во болниците на работа.
-Има ситуација во која од приватните концесионери остануваат на улица после 30 години работно искуство и не знаеме да си ги прибереме во примарното здравство од каде што дошле. Голем број од нив едно време со времен закон беа избркани од здравствените домови за да одат да работат со концесионерите. Работат со договор на дело со години, па медицинска сестра четири, пет, шест години работи во неизвесност за 23.000 денари без никакво здравствено осигурување. Такви сестри има многу во болниците, потенцира Бешлиоска.
Агенцијата за вработување, појаснува, регистрира околу 740 невработени сестри, голем број од нив веќе се заминати, дел од нив ја напуштиле професијата, а некои од нив се водат како невработени затоа во болниците се со статус договор на дело.
Во врска со тоа каде најмногу недостигаат медицински сестри таа вели дека тоа се стационарите, каде работата е многу опсежна, патронажните служби, потоа во операционите сали, клиниките…Според неа, во одделите за интензивна нега каде се тешко болните треба да има една сестра на еден пациент или најмногу на двајца пациенти една медицинска сестра.
Таа истакнува дека истражувања покажале дека причини за незадоволството на медицинските сестри се нездравата работна околина, несоодветни безбедносни услови, а потоа и ниските плати. Посочува дека многу важно е и признавањето на образованието, професионалната автентичност на сестрите, нивната автономност на работните места.
Во врска со тоа колкави се платите на медицинските сестри рече дека медицинските сестри со средна стручна спрема имаат плата до 30.000 денари, а со високо образование земаат пет до шест илјади денари поголема плата од нив.
-На сестрите со специјалистичките студии, тие не им се признаени, како и на сестрите со втор и трет циклус на студии, магистериуми, не им е признаено научно образование. Околу 36.000 денари или 37.000 денари заработуваат сестрите со високо образование, на што им следат додатоците за нивниот работен стаж, за условите на работа, дежурствата, сменските работи…, истакнува Бешлиоска и додава дека стартната плата на медицинска сестра во здравствен дом може да изнесува 25.000 денари, во општа болница 27.000 денари, а во Клиничкиот центар – 30.000 денари.
Таа потенцира дека оптоварени и незадоволни здравствени работници иницираат и незадоволни пациенти. На прашање како да се надмине недостигот на медицински сестри, вели дека проблемот е што тие не се присутни таму каде што се носат одлуките и дека не може 25 години да има Лекарска комора, а да нема Комора на медицинските сестри, а да се зборува дека лекарите и медицинските работат во тимови. Тоа, истакнува таа, е една таква дискредитација на сестринската професија, а докторите не мора да ги дадат иницијативите, меѓутоа нека ги поддржат нашите иницијативи.
Според неа, мора да има сектор за сестринство во Министерството за здравство и дека не може правници и стоматолози во Министерството да ги решаваат проблемите на медицинските сестри, кои не се политичка опција, трошок и бројки, туку тие имаат сериозна и мултидисциплинарна професија.
-Еден од најголемите проблеми е што сестрите не се вклучени во носењето здравствени политики, каде било, ниту ги има во некоја комисија, ниту во комисија за интрахоспитални…Дури и за наградата „13 Ноември“, кога на име на докторите се дават наградите, медицинските сестри ги нема. Значи мора да бидат таму каде што се носат политиките, и сестрите да одлучуваат сами за себе, тоа е генералното, првото и основното, мора да го добијат правниот субјект комората и законот кој го немаат за нивната дејност. Сите занаетчии во државата имаа лиценци само медицинските сестри немаат лиценци за работа, додава Бешлиоска.
Од Министерството за здравство наведуваат дека во јавните здравствени установи на примарно, секундарно и терциерно ниво низ државата, почнат е процесот за надополнување на дефицитарните кадри.
-До овој момент се добиени согласности за вработување на вкупно 240 медицински сестри. За поголем дел од нив постапката за вработување е завршена, а за останатиот дел постапката за вработување е во тек. За илустрација, за Здравствен дом Скопје, од вкупно добиени 117 согласности за нови вработувања, опфатени се 33 медицински сестри, во ЗД Крива Паланка се добиени согласности за шест медицински сестри, во ЗД Вевчани за четири медицински сестри, во ЗД Струмица – три патронажни сестри, во ЗД Штип – за две медицински сестри, како и во други јавни здравствени установи, информираат од Министерството.
Додаваат дека се планира во следниот период да има вработувања на двојно поголем број медицински сестри во јавните здравствени установи, што ќе се реализира по завршување на постапката и обезбедување на потребните согласности од надлежните институции.
Во Бугарија недостигаат 17.000 медицински сестри, во Хрватска 4.000 само во болниците, во Шпанија недостигаат дури 123.000…!
– Освен нашата земја, меѓу државите од регионот кои се соочуваат со недостиг на медицински сестри е и Бугарија. Таму недостигаат речиси 17.000 медицински сестри, покажува најнов извештај за здравствените работници, пренесуваат бугарските медиуми. Во текот на изминатите 30 години, бројот на медицински сестри се намалил речиси два пати, покажуваат податоците од 2023 година. Според Националната статистика, во 1990 година имало над 53.000 медицински сестри, а во 2023 година нивниот број изнесувал 28.600.
Во Бугарија, просечната возраст на медицинските сестри била 49 години во 2024 година, според податоците од Здружението на здравствени работници во земјата. Околу 20 отсто од бугарските здравствени работници се веќе на возраст за пензионирање, споредено со само четири отсто во другите земји членки на ЕУ, истакнува претседателката на Здружението, Петја Недкова.
За да се ограничи дефицитот со провоцирање на поголем интерес за професијата, бугарското Министерството за образование предлага медицинската нега да стане заштитена специјалност и ослободена од плаќање надомест. Медицинските сестри во Бугарија повикуваат да се преземат чекори за ублажување на надоместоците за време на студиите, создавање подобри услови за реализација и за тие да продолжат да напредуваат по дипломирањето.
Од бугарското Министерството за здравство одобруваат специјалноста да биде заштитена и за бугарските медиуми појаснуваат дека преку проект за поттикнување на специјализацијата, лекарите, вклучително и медицинските сестри, можат да аплицираат за финансиска стимулација од околу 2.600 лева (1.329 eвра) месечно.
Во Хрватска, пак, недостигот на медицински сестри и техничари со години е проблем во нивниот здравствен систем. Само во болниците треба да има околу 4.000 повеќе медицински сестри, а околу 200 од нив одат во странство секоја година, пренесуваат хрватските медиуми.
Податоците од анкета спроведена од Хрватската комора на медицински сестри се поразителни.
– Дваесет и осум проценти од медицинските сестри барале работа во странство во изминатата година, што значи дека би ја напуштиле Хрватска и би заминале во странство. Една третина од медицинските сестри дури одговориле во таа анкета дека повеќе не би сакале да бидат медицински сестри. Четиринаесет проценти од медицинските сестри се задоволни од своите финансиски приходи, што значи од својата плата. Осумдесет проценти од медицинските сестри се чувствуваат премногу уморни по работниот ден. Триесет и два проценти од медицинските сестри добиваат само заштитна опрема, односно униформи на своите работни места, од своите работодавци, истакнува Марио Газиќ, претседател на Хрватската комора на медицински сестри.
Тој нагласува дека според најновите анализи спроведени од Министерството за здравство, само во болничкиот сектор недостигаат од 4.000 медицински сестри.
– И нормално е дека оние кои моментално се присутни на работното место мора да ја работат и работата за оние медицински сестри кои ги нема. Нормално е дека со текот на времето, нивната сила се исцрпува, и ментално и физички. Нормално е дека потоа тие се оптоварени и размислуваат да ги напуштат своите работни места и да работат во други професии, на други работни места, рече Газиќ.
Вишња Прањиќ, директорка на Училиштето за медицински сестри Виноградска, Загреб посочува дека нивни студенти во текот на три години ги посетуваат клиничките одделенија и гледаат колку работат медицинските сестри. – Така што тоа навистина не е прашање само за платата. Бидејќи ако одите на пракса секој ден, ги гледате истите медицински сестри секој ден. Младите луѓе не се глупави, тие можат многу добро да видат колку работи една медицинска сестра. Па, тоа е еден од условите, претпоставувам, зошто не секој одлучи да продолжи да работи во професијата, рече Прањиќ.
Таа потенцира дека ситуацијата била сосема поинаква пред 10 до 15 години.
– Имаме навистина добро образование за медицински сестри, кое е препознаено од сите европски земји. Нашето образование трае пет години. Првите две години се општо образовни, гимназиска програма. А во третата, четвртата и петтата година, нашите ученици имаат 4.600 часа. За 4.600 часа, навистина мора да ги стекнете сите потребни компетенции, кои нашите ученици навистина ги стекнуваат, па затоа мислам дека образованието е навистина висококвалитетно, нагласува Прањиќ.
Одлив на здравствен кадар во други земји има и во Словенија, пренесува Европската новинска редакција (ЕНР). Според податоци на словенечката Комора на медицински сестри, има недостиг од 20 до 25 проценти кога станува збор за медицински сестри на болничко и примарно ниво. Исто така нема доволно лекари, медицински персонал во домови за нега и фармацевти.
Во Шпанија, пак, 49.791 медицинска сестра се на возраст меѓу 55 и 64 години и се очекува да се пензионираат во следните десет години, според студијата спроведена од Шпанскиот институт за истражување на медицинска нега. Бројот на медицински сестри во Шпанија продолжува да заостанува зад Европа со стапка од 6,3 на 1.000 жители, што значи недостиг од близу 123.000 медицински сестри.
Директорот на италијанскиот Завод за статистика, Франческо Марија Кели, рече дека според проценките околу 77 отсто од матичните лекари во земјата биле на возраст од 55 или повеќе години. Кели објасни дека „вработувањето и стареењето на здравствените работници претставуваат критични прашања за здравствениот сектор, посебно во контекст на идното зголемување на побарувачката за нега поради динамиката на населението“.
Германија, пак, е земја која има добивка од миграцијата на здравствените работници. Според официјалните статистика, околу 20 отсто од негувателите во болниците, домовите за старци и службите за домашна посета доаѓаат од странство.
Рената ПЕПЕЉУГОСКА / МИА