Комесарот за правда на Европската унија, Мајкл Мекгра, изрази шокираност од токсичноста и опасностите што ги носат некои производи продавани преку кинеските онлајн платформи Shein и Temu, во контекст на засилена европска акција против овие трговци.
„Шокиран сум од тоа што го видов. Имаме должност да ги заштитиме европските потрошувачи“, изјави Мекгра за Гардијан, во пресрет на објавувањето на резултатите од голема тајна операција на купување, спроведена низ целата ЕУ, со цел да се тестира безбедноста на производите.
Смртоносни грешки – од цуцли до козметика
Еден од најалармантните случаи се однесува на детски цуцли со монистри што лесно се одвојуваат – сериозна опасност за задушување. Цуцлите не ги исполнувале основните безбедносни стандарди, како дупка за проток на воздух во случај на голтање.
Други проблематични производи вклучуваат:
-Детски дождовни мантили со токсични хемикалии
-Очила за сонце без УВ заштита
-Детски шорцеви со премногу долги врвки, што може да предизвикаат сопнување
-Козметика што содржи Lilial (бутилфенил метилпропионал) – состојка забранета во ЕУ од 2022 година поради ризици за плодноста и развојот на фетусот.
Европскиот систем за предупредување за небезбедни производи Safety Gate во 2023 година забележал рекорден број од 4.137 аларми, од кои над третина се однесуваат на козметички производи.
Нефер конкуренција и лавина од пратки
Покрај безбедносните ризици, Мекгра укажува и на нефер предност што овие платформи ја имаат над локалните бизниси. Платформи како Shein и Temu пласираат огромен број пратки под 150 евра дневно – околу 12 милиони дневно, или 4,6 милијарди пратки на годишно ниво, двојно повеќе од 2023, а трипати повеќе од 2022 година.
ЕУ размислува да ја укине сегашната царинска граница од 150 евра и да воведе такса за ракување со секоја пратка, со цел да се намали напливот на нискобуџетни производи и да се покријат трошоците за царински инспекции.
Ќе се разговара и со Кина
Мекгра најави дека прашањето ќе го отвори во директни разговори со кинеските власти, иако сè уште не е сигурно дали тоа ќе се случи на самитот ЕУ-Кина во Пекинг на 25 јули. Тој најави посета на Кина до крајот на годината.
Реакции од Shein и Temu
Од Shein велат дека инвестираат 15 милиони долари годинава во безбедносни иницијативи, со 2,5 милиони тестови за квалитет и 500 отстранети продавачи.
„Целосно сме посветени на безбедноста на производите и усогласеност со регулативите“, изјавија од компанијата.
Од Temu тврдат дека имаат систем на превентивно следење, селекција на продавачи и брзо отстранување небезбедни производи, во соработка со светски познати сертификациски тела како TÜV SÜD, SGS, Eurofins и Bureau Veritas.
Редакција Фронтлајн