Претседателот Володимир Зеленски на 24 јули објави дека го одобрил текстот на новиот нацрт-закон со цел зајакнување на владеењето на правото и независноста на антикорупциските институции во Украина, ветувајќи дека истиот ден ќе го достави до Врховната Рада, украинскиот парламент, пренесува Кијив Индипендент.
„Тукушто го одобрив текстот на нацрт-законот што гарантира вистинско зајакнување на системот за спроведување на законот во Украина, независност на агенциите за борба против корупцијата и сигурна заштита на системот за спроведување на законот од какво било руско влијание или мешање. Текстот е добро избалансиран“, објави Зеленски на Телеграм..
Предлог-законот следи по одлуката на Зеленски на 22 јули да го потпише нацрт-законот со кој практично се уништи независноста на Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО).
Предлог-законот, кој исто така ги поткопа аспирациите на Украина за пристапување во Европската унија, предизвика големи протести низ цела Украина и ги принуди властите да ветуваат отстапки.
Содржината на законот на Зеленски сè уште не е позната, а активистите за борба против корупцијата велат дека е прерано да се каже дека законодавството всушност ќе ја врати независноста на НАБУ и САПО.
Зеленски тврдеше дека новиот закон има за цел да ја заштити независноста на украинските антикорупциски институции и да го заштити правниот систем од руско влијание или мешање. Тој го опиша нацртот како „избалансиран“, но не даде дополнителни детали.
„Најважно е да има вистински алатки, да нема руски врски и независност на НАБУ и САПО. Законот ќе биде доставен до Врховната рада на Украина денес“, рече Зеленски.
Порано во текот на денот, меѓупартиска група од 48 пратеници поднесе различен закон до Врховната рада, украинскиот парламент, со цел враќање на независноста на НАБУ и САПО.
„Утре (за законот) може да се гласа“, напиша на Фејсбук Јарослав Јурчишин, шеф на парламентарниот комитет за слобода на говорот. „Вие сте на потег, господине претседателе.“
Д. Мишев / Цивил Медиа