Пишува: АНДРЕЈ ЖЕРНОВСКИ
Не е мал бројот на оние кои се зачудени од „кампањата пред кампања” која деновиве ја води премиерот Мицкоски. Не толку од самиот технички момент, бидејќи кај нас веќе од поодамна се дозволува предизборната кампања да започне далеку пред законски пропишаните рокови.
Зачудени се од паничниот аудио и видео сигнал кој го емитира Мицкоски. Целиот во грч, со избезумен лик и пискав глас, почна да нуди и ветува сè и сешто, при што забележителна е неговата “стручност и експертиза” во познавањето на економијата. Најновата теза дека “цените растат затоа што се покачени платите”, молскавично влезе во богатата ризница на тропнати бисери изустени од македонски политичари.
Сепак, причината е многу подлабока.
Во партија му е презентирана најновата анкета која е направена по негова нарачка и изведена од добро познатата (про)вмровска агенција.
Бројките се немилосрдни:
За само година дена, ВМРО-ДПМНЕ бележи пад од цели 130.000 гласа!
Ваков драматичен пад е најголемиот што било која партија на власт го има доживеано во поновата македонска историја, односно од почетокот на повеќепартискиот систем.
Тоа е, всушност, вистинската причина за ваквото издание на Мицкоски. Затоа, треба да се подготвиме за уште посилни ветувања, на кои сè помалку луѓе ќе му веруваат.
Следат нови барања на виновноци, за чија потреба прстот, традиционално, ќе биде вперен кон опозицијата и кон меѓународниот фактор. Сите ќе бидат виновни, освен самата власт, зошто граѓаните се соочуваат со неподносливото, досега невидено дивеење на цените, со кој негативен тренд никој, ама баш никој во владата нема знаење и умеење како да се справи.
Очигледно на граѓаните веќе им станува јасно каква влада денека има Македонија, која згора на сè, нема никаква намера да се погледне во огледало.