Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на Левица, Амар Мециновиќ, на социјалните мрежи упати критика кон досегашните власти и повика на мобилизација на сите слободоумни луѓе кои го сакаат својот град. МИА неговиот пост го пренесува интегрално.
„Скопјани, кои го изградија градот, не можат да обезбедат домови во него, поради лудите цени од нехуманата урбанизација!
Не можат да се движат низ Скопје, поради недостаток на јавен превоз – не можат никаде да се социјализираат без да мораат нешто и некому да платат, во недостаток на јавни површини и чист простор.
Животот во Скопје не мора да биде ваков, но политичарите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ токму тоа и го сакаат.
За да можат да скројат Генерален урбанистички план за фирмите на нивните донатори и соработници. Да можат од секоја потреба на граѓаните, да направат за себе чист, сиров кеш и да ни го трошат достоинството во изгубени години и прилики.
Сигурно нема да им бидат приоритет потребите на обичниот скопјанец. На сите нас, кој го сочинуваме овој град.
Затоа – ајмо!
1. Скопје со целосен фокус на јавниот превоз – да станеме град во кој автомобилите не се потребни!
2. Генерален урбанистички план направен за нас, а не за нив и нивните фирми: нови правила на игра за урбанизација, да стане домувањето во овој град повторно достапно и да се зачува животната средина!
3. Нов почеток во градското функционирање со фокус на општото добро наспроти корпоративниот интерес – чистиот воздух е побитен од профитот на индустријалците!
Наскоро ќе зборуваме и за нов концепт за наплаќање на комуналиите со социјален карактер, но одиме чекор по чекор.
Сега ни треба мобилизација на сите слободоумни луѓе кои го сакаат својот град.
“СЕГА” – напиша Мециновиќ.