Министерството за надворешни работи на Украина остро го осуди и прогласи за ништовен актот на Владата на Руската Федерација од 22 август 2025 година, со кој окупираните пристаништа Бердјанск и Мариупол се вклучени во официјалниот список на руски пристаништа отворени за странски бродови.
Кијив нагласи дека овој потег претставува уште еден обид на Москва да ја легитимира својата окупација и да воспостави незаконска контрола врз украинските територии. МНР го оцени како грубо прекршување на меѓународното право, вклучувајќи:
- Повелбата на ОН,
- Конвенцијата на ОН за правото на морето од 1982 година,
- и резолуциите на Генералното собрание на ОН што го потврдуваат украинскиот суверенитет.
Украина ги повика меѓународните партнери да воведат дополнителни санкции против руски физички и правни лица, како и против странски компании што вршат комерцијална активност во пристаништата Бердјанск и Мариупол, и против бродови што пристигнуваат во пристаништата на окупираните територии.
МНР побара од Меѓународната поморска организација (IMO) итно да ја потсети светската заедница на обврската за почитување на Резолуцијата A.1183(33), која ги повикува државите да ги предупредат своите бродови, оператори и осигурители да не влегуваат во затворените пристаништа во окупираната територија на Украина.
Украина нагласи дека ваквите постапки на Русија бараат цврст одговор од меѓународната заедница, вклучително и можни рестриктивни мерки против руските пристаништа кои ја поддржуваат воената машина на Кремљ.
Извор: Цивил Медиа