Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, учествува на Парламентарната конференција за заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, што се одржува денес и утре во Копенхаген, во организација на Данскиот парламент во рамките на данското претседавање со Европската унија.
„Дискутираме на повеќе теми, но заедничко за сите нив е како да изградиме одржлива и цврста одбранбена политика на европско тло“, изјави Петровска.
Таа нагласи дека заканите од Русија и понатаму се сериозни за европската безбедност.
„Тоталитарниот режим во Русија и понатаму е закана за безбедноста на земјите од Европа, особено со своите прокси активности“, истакна таа.
Во своето излагање, Петровска се осврна и на Украина, потенцирајќи дека државата заслужува поддршка од Европа.
„Украина заслужува мир, заслужува слобода и заслужува повторно издигнување на општеството“, рече таа.
Според Петровска, Европската унија мора да продолжи да се шири и да ја зајакнува својата улога како гарант за стабилноста на континентот.
„Европската унија мора да биде обединета и мора да продолжи со процесот на проширување како гаранција за сигурноста на Европа“, порача таа.