Група од околу 50 Авганистанци, кои му помогнале на Бундесверот за време на мисијата во Авганистан, денеска ќе пристигнат во Германија и покрај отпорот на сегашната германска Влада.
Околу 50 авганистански државјани, на кои им беше ветен азил во Германија откако талибанците дојдоа на власт, бидејќи му помогнале на Бундесверот за време на мисијата во оваа земја, се наоѓаат во авион на линијата Исламабад-Хановер, објавуваат германските медиуми повикувајќи се на извори во Пакистан.
Станува збор за лица кои од германските судови го добиле правото да одат во Германија. Судовите ја донеле оваа одлука и поради фактот што пакистанските власти почнале да ги депортираат авганистанските државјани кои чекаат во Пакистан повеќе од една година да одат во Германија, која им ги одзема патните документи.
Германското Министерство за надворешни работи објави дека Пакистан веќе протерал околу 200 од 2.000 Авганистанци кои чекаат трансфер во Германија.
Моментално во Пакистан има околу 2.000 авганистански државјани на кои, поради нивната посветеност на германските институции за време на мисијата во Авганистан, им бил ветен азил од Германија откако талибанците дојдоа на власт во 2021 година, под претпоставка дека овие помагачи, претежно преведувачи, ќе бидат нападнати од талибанците.
Дополнително, азил во Германија им е ветен и на истакнати борци за човекови права на кои им се заканува прогон во Авганистан.
По доаѓањето на власт во мај, новата германска Влада, предводена од канцеларот Фридрих Мерц, го запре прифаќањето на авганистанските државјани на кои им беше ветено азил од претходната влада.
Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добриндт (ЦСУ) изјави дека не е подготвен да ги прифати овие бегалци поради недоволни безбедносни проверки на членовите на семејството.
Претставниците на социјалдемократите, помал коалициски партнер во владата на христијанскиот демократ Фридрих Мерц, инсистираат на прифаќање на оваа група Авганистанци со образложение дека Германија мора да го исполни своето ветување.
Откако дојде на власт новата коалициска влада на демохристијаните и сојијалдемократите како една од своите примарни цели го наведе драстичното намалување на нерегуларната миграција.