Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски беше во посета на ООУ „Дане Крапчев“, каде што на учениците им ги подели бесплатните униформи, соопштија денеска од локалната самоуправа.
Оттаму потенцираа дека бесплатни униформи се обезбедени за 6.800 ученици.
– Овој проект за првпат се реализираше во општина Гази Баба во 2023 година и истиот произлезе од изборната програма на градоначалникот Стефковски. Униформите се повеќе од облека. Тие се симбол на еднаквост и заедништво. Со нив, сите ученици се дел од една иста заедница, без поделби и разлики, се додава во соопштението.
Градоначалникот истакнал дека за семејствата, ова значи значајна поддршка на домашниот буџет.
– За нашите ученици пак, останува само една задача, да учат, да сонуваат и да се развиваат без предрасуди и без бариери, нагласил градоначалникот.
Во соопштението се додава дека Општина Гази Баба ќе продолжи со проекти што носат вистинска промена, поддршка и подобри услови за секое дете и секое семејство.