Ново истражување конечно ја утврди причината за мистериозните електрични празнења кои со децении предизвикуваат дефекти и оштетувања на сателитите во орбитата.
Тим од Лос Аламос националната лабораторија докажал директна врска меѓу бројот на електрони во вселената и електростатичките празнења на сателитите. На сателитот STP-Sat6 на американското Министерство за одбрана беа поставени два сензора кои повеќе од една година ја следеа наелектризираната околина во геостационарна орбита.
Во тој период се регистрирани 272 инциденти на нагли електрични празнења, кои редовно се појавувале 24 до 45 минути по зголемената активност на електрони во вселената. „Како што расте активноста на електроните, сателитот почнува да акумулира полнеж, сè додека не се достигне критична точка и не настане празнење,“ објаснува водечкиот автор на студијата, научникот Амитаб Наг.
Феноменот, познат како spacecraft environment discharge (SED), претставува сериозен ризик за сателитските оператори. Различни делови од леталото можат да добијат различни електрични напони, што предизвикува искри, електромагнетни пречки или струјни удари. Последиците се движат од краткотрајни нарушувања до трајни оштетувања на сателитската опрема.
Истражувањето, објавено во списанието Advances in Space Research, претставува прво директно потврдување дека електричните празнења на сателитите се поврзани со бројот на електрони во нивната околина. Според научниците, ова откритие може да биде основа за развој на системи за предвидување и навремена заштита на сателитите од електростатички удари.
Редакција Фронтлајн