Новинарот Насер Селмани утринава пријавил во полиција дека непознат сторител со нож ја оштетил гумата на неговиот автомобил, паркиран пред зградата каде што живее во Скопје.
„Ве известувам дека утрово забележав дека некој со нож ја оштетил гумата на мојот автомобил паркиран пред зградата каде што живеам во Скопје. Не должам на никого и немам конфликт со никој,“ објави на Фејсбук, Селмани.
Тој вели дека имал краток телефонски разговор со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кого го известил за инцидентот.
„Побарав да се откријат авторите и инспираторите на ова недело. Министерот ми вети дека ќе работат на расветлување на случајот,“ истакна Селмани.
Во објавата нагласува дека е новинар и граѓанин, без политичка припадност.
„Јас сум новинар и не сум член на ниту една политичка партија. Јас сум обичен граѓанин, Албанец и член на Движењето Албански свет,“ напиша тој.
Селмани ги повика премиерот Христијан Мицкоски и лидерите на албанските партии да го осудат инцидентот.
„Со овој повод го повикувам премиерот Мицкоски и лидерите на албанските партии да се дистанцираат од ваквите срамни постапки на насилство против слободата на говорот,“ додаде тој.
Новинарот најави дека ќе им даде време на институциите, но ако во рок од две недели не се откријат сторителите, ќе излезе со свои сомнежи.
„Имам свои сомнежи, но засега нема да зборувам пред да и се даде потребното време на полицијата… Доколку во разумен рок од две недели полицијата и истражните органи не ги откријат авторите и инспираторите на овој напад, тогаш со јавноста ќе ги споделам моите сомнежи кој стои зад овој криминален акт,“ наведе Селмани.
Тој порача дека не се плаши и нема да се откаже од својата работа.
„Ако некој мисли дека со криминални методи може да ме исплаши, многу греши. Избрале погрешен човек,“ истакна Селмани.
Во реакцијата тој додаде и предупредување:
„Ако полицијата не ги заштитува сопствените граѓани, тогаш јас како граѓанин и Албанец имам божјо право на самоодбрана.“
Селмани најави дека ќе се обрати и до меѓународните организации, како и до албанската држава и Косово „за да ги заштитат Албанците и загрозените албански новинари во Скопје“.