Преку мерката за зелени инвестиции досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор, соопштил денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, кој заедно со директорот на Агенцијата за вработување и постојаниот претставник на УНДП го посетиле ресторанот „Ксантика“ како еден од успешните примери на зелени инвестиции.
– Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија, посочил Дурмиши.
Финансиската поддршка за едно ново работно место од 205 илјади денари во 2022 година била зголемена на 250 илјади денари во 2024 година, а вкупниот буџет за мерката достигнал 93 милиони денари (околу 1,5 милион евра).
За 2025 година, како што информира ресорното Министерство, целта е да се поддржат најмалку 200 нови работни места во максимум 200 компании, со можност за поддршка до 750 илјади денари по компанија. Ќе бидат понудени и обуки и советодавни услуги за енергетска ефикасност за малите и средни претпријатија.
– Следејќи ги светските трендови за транзиција кон зелена економија, Агенцијата за вработување заедно со партнерите ќе продолжи да спроведува мерки преку кои се стимулира отворање нови работни места, особено во претпријатија кои во своите процеси воведуваат зелени производи, услуги и технологии, нагласил директорот на Агенцијата за вработување Сељатин Бељули.
Заедно со владините партнери веќе неколку години, Програмата за развој на Обединетите нации ја реализира мерката за поддршка на приватниот сектор преку зелени инвестиција.
– Големиот интерес кај апликантите е доказ повеќе дека и домашните мали и средни фирми се свесни за важноста за воведување зелени инвестиции во работните процеси и отворање нови работни места кои ќе придонесат за поефикасна и побрза зелена транзиција. УНДП останува посветен на заложбата за поддршка на приватниот сектор преку овозможување различни механизми за бизнис раст, потенцирал постојаниот претставник на УНДП во земјава Армен Григорјан.