Неколку дена по разорниот земјотрес во источен Авганистан, бројот на жртви продолжува да расте, при што властите на талибанците и авганистанската Црвена полумесечина соопштија дека досега загинале околу 2.200 лица, а над 3.600 се повредени.
Акциите за спасување сè уште траат, но многу од погодените области се тешко достапни, што ја отежнува итната помош и извлекувањето на жртвите, соопштуваат хуманитарните организации.
Светската здравствена организација (СЗО) информира дека цели семејства биле затрупани под урнатини. Илјадници куќи се уништени, пренесе ДПА.
– Земјотресот ја влоши и онака тешката хуманитарна состојба во Авганистан, изјави Елке Готшалк, регионална директорка на германската хуманитарна организација Welthungerhilfe. Таа посочи дека земјата страда од постојани суши предизвикани од климатските промени.
– Дополнително, тука се и речиси 2 милиони повратници кои од почетокот на годината беа депортирани од соседните земји Пакистан и Иран, а најчесто остануваат без покрив над глава и средства за егзистенција, додаде Готшалк.
Земјотресот ја погоди областа блиску до границата со Пакистан непосредно пред полноќ во неделата.
Според податоците на Американската геолошка служба (USGS), првиот земјотрес бил со јачина од шест степени и се случил на длабочина од 8 километри. Потоа следеле неколку последователни потреси. Земјотресите биле почувствувани и во пакистанскиот главен град Исламабад.
Денеска во источен Авганистан е регистриран нов земјотрес со интензитет од 4,7 степени, соопшти USGS.