Кога Тејана Тејлор се појави во првиот ред на Haute Couture ревијата на Schiaparelli за време на Paris Fashion Week, вниманието не го привлече само провидната чипкана креација – туку и накитот со необична приказна зад себе.
Античката сребрена круна со бисери и кристали, како и впечатливиот лустер-брош што Тејлор ги носеше, се всушност модни реплики инспирирани од накитот украден од Лувр во октомври минатата година, потврди Vanity Fair. Наместо полициски извештаи и судски архиви, овие парчиња симболично „се вратија“ во јавноста – на модната писта.
Украдениот накит, кој оригинално бил дел од музејски збирки и архивски депоа, послужил како појдовна точка за новата Schiaparelli Haute Couture колекција, каде креативниот тим ја спои историјата на уметноста, загубата и фантазијата во препознатлив надреалистички јазик.
Креативниот директор на куќата, Даниел Роузбери раскажува како дошол на идеја да го реинтерпретира легендарниот накит.
„Се враќав пеш од канцеларија, токму по веста дека накитот бил украден од Лувр“, раскажува Роузбери. „И си помислив – зар не би било убаво да ги преосмислиме тие украдени накити?“ Така и направи, но, како што самиот вели, ги „Роузберифицирав“.
Меѓу највпечатливите парчиња се бисерната и дијамантска тијара на царицата Ежени де Монтихо и украсниот јазол од предниот дел на корсетот – овојпат изработени уште поопулентно од оригиналите. „Ги направивме повеќе тродимензионални“, вели дизајнерот, додавајќи волумен и драматичност што одговара на јазикот на високата мода.
Токму во тоа лежи силата на Роузбери: способноста да претвори актуелна вест, масовна опсесија или момент на јавна хистерија во нешто соодветно за највисокиот храм на луксузот – haute couture. Украдениот накит, наместо да остане во полициски извештаи и насловни страници, доби нов живот како моден симбол.
Утрото по ревијата, Тејлор – ѕвезда на зимската насловна страница на Vanity Fair за 2026 година – пристигна носејќи ги т.н. „heist jewels“. И за миг, couture-креацијата повторно стана вирална, потврдувајќи дека модата денес не живее само на пистата, туку и во колективната имагинација.
Во време кога високата мода сè почесто посегнува по музејски архиви и историски референци, Schiaparelli со оваа колекција отвори пошироко прашање: дали накитот е само украс – или и носител на приказни за моќ, загуба и културна меморија.
Редакција Фронтлајн







