Вкупно вкупно 878 барања пристигнаа на јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за 2025 година, наменет за лица кои припаѓаат на категоријата ранливи потрошувачи на енергија, што заврши на 30 август.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) соопшти дека се пристигнаи 227 барања од домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, 296 од домаќинства со едно или повеќе лица со најтешка телесна попреченост, 201 од домаќинства со едно или повеќе потполно слепи лица и 154 од домаќинства со едно или повеќе потполно глуви лица.
Комисиите задолжени за обработка на пријавите веќе се во процес на разгледување. Почнувајќи од следната недела, обработените податоци ќе бидат доставувани до надлежните институции опфатени со Јавниот оглас и Програмата – Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија.
Комисиите, составени од по три члена, ќе ја вршат потребната проверка преку институциите и ќе предложат решенија до министерот. Финансиската поддршка се обезбедува преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 1000 денари месечно, во траење од 12 месеци, сметано од денот на поднесување на барањето.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, вели дека со оваа мерка се испраќа јасна порака дека државата стои зад оние на кои поддршката им е најпотребна.
– Сакаме да обезбедиме сигурност и достоинство за ранливите категории потрошувачи и да им помогнеме да ги надминат предизвиците кои ги носи секојдневието. Финансиската поддршка за електричната енергија е конкретен чекор кон поголема социјална заштита и еднаков пристап до основни потреби, истакнува Божиновска.
Поддршката ќе се пресметува на месечната сметка за струја, започнувајќи од месецот по објавата на списокот на корисници. Согласно правилата, неплаќањето на две последователни сметки доведува до укинување на решението за финансиска поддршка.
Министерството потсетува дека сè уште е во тек јавниот оглас за субвенции за инвертер клима-уреди, со кој директно се таргетираат ранливите потрошувачи на енергија. Оваа мерка има за цел да го подобри квалитетот на живеење и да ги намали трошоците за енергија во домаќинствата. Рокот за аплицирање е до крајот на месецот, а сите информации и потребни обрасци се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини: https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi.