Заклучно со вчера (9 септември) во Избирачкиот список за Локалните избори 2025 во подрачните одделенија на Државната изборна комисија (ДИК) се провериле вкупно 5729 граѓани, од кои 3397 мажи и 2332 жени.
Како што информираат од ДИК за МИА, осум лица побарале запишување во Избирачкиот список, 136 лица побарале бришење од кои 134 поради смрт и две лица поради отпуст од државата. Вкупно 59 лица побарале промена на податоците во избирачкиот список најчесто заради промена на презиме или промена на адреса на живеење.
Проверката во Избирачкиот список трае до утре, 11 септември (четврток) до полноќ.
Во сабота (13 септември) на полноќ истекува рокот за поднесување на кандидатури за локалните избори.
Локалните избори се закажани за 19 октомври. Ќе се бираат градоначалници и совети во 80 општини и Градот Скопје.