Во рамките на одбележувањето на Европската недела на мобилност, а по повод Меѓународниот ден без автомобили, денеска 22 септември, Општина Кочани во соработка со ОСБСП ја организира традиционалната велосипедска тура „По патеката на оризот“, информираат од Општина Кочани.
Настанот е отворен за учество на сите граѓани, љубители на велосипедот, рекреативци, членови на спортски и велосипедски здруженија. Велосипедистите ќе возат на релацијата: Кочани – Грдовци – Мојанци – Подлог – Кочани. Поаѓањето е во 16 ч. од Градскиот плоштад. Турата ќе биде спроведена според протоколите за безбедност во сообраќајот од страна на Одделението за внатрешни работи – Кочани.
На враќање, од Подлог кон Кочани, со едноминутно молчење велосипедистите ќе оддадат почит на жртвите во дискотеката „Пулс“, во пожарот на 16 март оваа година.
Оваа активност има за цел да ги поттикне граѓаните за користење превозни средства што не ја загадуваат животната средина, се наведува во соопштението од Општина Кочани.







