Како централна власт активно работиме да се завршат големите инфраструктурни проекти, експресниот пат Градско, преку Дреново и Фаришкако и автопатот од Прилеп до Битола,работиме Прилеп целосно да биде автопатски поврзан, порача вицепремиерот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денеска од Прилеп на почетокот на кампањата за локалните избори.
-Ние во изминативе година и неколку месеци откако сме централна власт се обидовме максимално да помогнеме, дали се работи за големите инфраструктурни проекти, се заврши експресниот пат од Градско преку Дреново до Фариш, што со години беше запоставено, и се пушти во функција. Активно работиме и на изградба на големиот автопат од Прилеп до Битола, а правиме планови и за многу брзо време ќе почнеме да работиме и од Фариш до онаму каде што почнува автопатот, а тоа е влезот за Прилеп да биде целосно автопатско или со експресен пат поврзан и со главниот глад, и со Коридорот 10 но исто така и со Битола и на тој начин би имал пристап на два големи патни правци, директно поврзување и со соседна Србија но исто така и со соседна Грција, можност за голем инфраструктурен развој, и поддршка на бизнисот, изјави Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ посака фер кампања за граѓаните да можат да ги слушнат и пораките на ВМРО-ДПМНЕ и на опонентите за да споредат и да направат најдобар избор.Николоски ја најави поддршката што ќе ја има од централната власт канидатот за градоначалник на Прилеп, Дејан Проданоски.
-Заедно со новиот градоначалник Дејан Проданоски ќе ги работиме, тој беше доста активен во Собранието и се бореше за општината и за целиот овој регион и сум убеден дека како градоначалник ќе го реализира сето она што ќе го претстави пред граѓаните во следниов период а ќе не има нас како голема поддршка и мене лично како носител во четвртата изборната единица и како ресорен министер, но исто така и премиерот Мицкоски, којшто голем фокус посветува и на Прилеп и на целиот овој регион, рече Николоски.
Кандидатот за градоначалник на прилеп од ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проданоски вети програма со која прилепчани ќе добијат подобар живот.
-Ова ќе бидат избори кои ќе значат секојдневие на секој прилепчанец, ова ќе бидат избори кои ќе донесат подобри улици, училишта, здравствени установи, подобар живот за сите граѓани. Овие се избори кои ќе ги започнеме со чувство на сигурност дека имаме одличен тим, уште подобра програма и сигурност дека ќе ја добиеме најсилната поддршка од Владата, предводена од претседателот Кристијан Мицкоски, изјави Проданоски.
Во центарот на Прилеп беа претставени кандидатите за советници и носителот на листата, д-р Билјана Кржеска.