Кандидатката за градоначалничка на Општина Карпош од редовите на СДСМ, Маја Мијовска Мојсова, на почетокот на кампањата за локалните избори 2025 се обрати до граѓаните, најавувајќи дека нејзината изборна трка ќе биде „едноставна, чесна и без навреди“.
„Ниту еден политичар не треба да ја очекува вашата поддршка во замена за кафе, сендвич или ‘комшиски’ појадок. Од мене тоа нема да го добиете, бидејќи нема да се обидам да ве поткупам со мали пакетчиња,“ порача Мијовска Мојсова.
Таа најави дека ќе биде присутна во сите месни заедници и маала, со цел директно да ги слушне потребите и проблемите на жителите на општината. Во нејзината програма, како што нагласи, приоритет имаат инфраструктурни проекти усогласени со реалните потреби на граѓаните, одржување на зелените површини, спортските терени и детските игралишта.
„Како лекар, здравјето на граѓаните е мој највисок приоритет. Затоа редовното чистење и миење на улиците, дезинфекцијата на контејнерите и редовното собирање на отпадот ќе бидат обврска, а не нешто со кое треба да се фалиме,“ истакна таа.
Мијовска Мојсова додаде дека нема да дозволи големите бизнис интереси да ги загрозат хуманите потреби на жителите на Карпош, а воедно се осврна и на анкети за кои рече дека се користат за „наметнување на наратив дека изборите се непотребни“.
„Со самото тоа што се обидуваат да ме маргинализираат, овие ‘гладијатори’ само покажуваат колку е голем нивниот страв од мене,“ порача таа.