На денешната прес-конференцијата, кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, ја претстави стратегијата за решавање на проблемот со паркинг просторот во општината која содржи краткорочни, среднорочни и долгорочните решенија, кои, како што нагласи, ќе донесат системска трансформација на општината, се вели во соопштението од ДУИ.
„Со среднорочната стратегија планираме изградба на подземни и надземни катни гаражи на повеќе локации. Кај училиштето ‘Васил Главинов’ и градинката ‘ ‘Снежана’ ќе изградиме подземен паркинг на две нивоа со 1.000 места, а над него ново училиште и градинка. На тој начин булеварот ‘Џон Кенеди’ ќе биде целосно ослободен од автомобили по улицата и на тротоарите. Кај градинката ‘Росица’ предвидуваме троспратен подземен паркинг со 520 места. На ‘Цветан Димов’ ‘Чаирчанка’ ќе има паркинг со 350 места, а кај ‘Скендербег’ со капацитет до 520 места“, најави Османи.
Тој објасни дека со овие проекти и со дополнителни катни гаражи ќе се создадат неколку илјади паркинг места..
„Ова е план, детално подготвен со тимови од најреномираните архитекти, тимот на Мишел Ројкинд и архитекти од Тирана. Целта е среднорочно да се ослободи Чаир од хаосот на улиците“, нагласи тој.
Како долгорочна визија, Османи ја најави урбанизација на општината во вертикала.
„Чаир е мала територија за 80.000 жители и мора да расте вертикално. Сите детални урбанистички планови мора да се приспособат на реалноста. Со изградба на згради ќе се создадат нови простори, и за паркирање, и за зелени површини, и за игралишта. Тоа е тежок процес, затоа што бара долги преговори и соработка со граѓаните, но мора да почнеме пилот-проект во некоја зона како ‘Серава’ или ‘Дижонска’ за да видат граѓаните дека може поинаку“, изјави Османи.
Османи заврши дека ова не се само празни ветувања туку реални решенија за кои потребна е поддршка и верба во успехот.
„Мора да ја скршиме менталната бариера дека не заслужуваме повеќе, дека не можеме повеќе, дека не знаеме повеќе. Ако јас ја имав таа бариера, немаше да влезам во ниту еден друг политички предизвик што на крај донесе резултат“, рече Османи.