Фудбалерот на Барселона, Ламин Јамал, повторно ги повреди препоните и ќе биде надвор од теренот во следните две до три недели, објави синоќа каталонскиот клуб.
Информацијата дојде само неколку часови откако Јамал доби повик во шпанската репрезентација за октомвриските натпревари од мундијалските квалификации.
Во клупското соопштение на Барселона се наведува дека „проблемот со препоните повторно се појавил“ при настапот на Јамал во поразот од 2-1 од ПСЖ во Лига на шампиони претходно оваа недела.
Повредата веќе беше предмет на спор меѓу Барселона и шпанската репрезентација. Тренерот Ханси Флик го критикуваше раководството на шпанската репрезентација, тврдејќи дека Јамал играл повреден и оти во репрезентацијата „не се грижеле“ за неговата состојба.
Шпанската федерација ги отфрли тврдењата, нагласувајќи дека играчот ги минал сите медицински прегледи и оти Барселона не пријавила какви да е проблеми.
Тренерот Луис де ла Фуенте изјави дека нема конфликт со Флик и го бранеше начинот на кој националниот тим се грижи за здравјето на играчите.
„Ако играчот дојде, тоа значи дека е здрав. Ако игра, тоа значи дека е подготвен“, рече селекторот на Шпанија.