Жените во просек живеат подолго од мажите, а најновото и досега најсеопфатно истражување дава научна потврда дека причината делумно лежи во хромозомите.
Студија објавена во списанието Science Advances анализирала податоци за животниот век на повеќе од 1.000 видови цицачи и птици во зоолошки градини. Резултатите покажуваат дека кај речиси три четвртини од цицачите, како и кај луѓето, женките живеат подолго од мажјаците, пренесува Вашингтон Пост.
„Навистина е забележително што жените живеат подолго речиси во секоја земја во светот, па решивме тоа да го истражиме во поширока биолошка рамка,“ изјави Јохана Штерк, еволутивен демограф од Институтот „Макс Планк“ во Германија.
Научниците ја потврдуваат т.н. „хипотеза за хетерогаметичниот пол“. Таа укажува дека жените, кои имаат две Х-хромозоми, имаат биолошка „резерва“ што ги штити од штетни мутации, додека мажите со еден Х и еден Y-хромозом немаат таква заштита.
„Ако кај мажите се појави мутација која го намалува животниот век, тие немаат резервен хромозом да го компензира,“ објаснува Фернандо Колчеро, коавтор на студијата.
Интересно, кај птиците резултатите биле спротивни: кај 68% од истражуваните видови подолго живееле мажјаците, што се совпаѓа со нивната ZW/ZZ хромозомска структура.
Наодите ја потврдуваат важноста на хромозомите, но истражувачите предупредуваат дека не се единствениот фактор. Телесните карактеристики и однесувањето играат значајна улога – мажјаците кои мора да се борат за партнери, било со мускули, било со ризично однесување, обично живеат пократко.
Сепак, има и исклучоци. Кај лемурите нема значителна разлика меѓу половите, додека кај птиците грабливки – орли, јастреби и мршојадци – женките живеат подолго иако се поголеми од мажјаците.
„Сè уште има многу непознаници. Кај птиците грабливки, на пример, сè изгледа обратно,“ вели Колчеро.
Ова истражување, според експертите, претставува важен чекор кон разбирање на разликите во долговечноста меѓу половите, но и отвора нови прашања за сложените биолошки механизми што го одредуваат животниот век.
Редакција Фронтлајн