Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, ја претстави програмата „Со срце за возрасните“, фокусирана на зголемување на квалитетот на животот на пензионерите преку директна финансиска помош и системска грижа. Програмата предвидува три клучни мерки за подобрување на економската сигурност на постарите лица, и тоа месечна парична поддршка, субвенции за престој во домови за стари лица и картичка за попусти во аптеки и маркети, се вели во соопштението што МИА го пренесува интегрално.
„Најпрво, ќе ги поддржиме финансиски постарите лица. Предвидуваме помош за сите пензионери со ниски приходи, за оние кои најмногу ја чувствуваат тежината на месецот. Во првите две години од мандатот ќе започнеме со 2.500 денари за пензионерите со минимални приходи, со тенденција оваа поддршка да достигне до 5.000 денари“, изјави Османи.
Втората мерка предвидува поддршка за достоинствена грижа на повозрасните лица кои немаат семејна поддршка или живеат во потешки материјални услови, вклучително и можност за субвенционирано сместување во домови за стари лица, доколку тоа е нивна потреба или избор.
„Ќе обезбедиме субвенции за престој во дом за стари лица за оние со најниски приходи. Ниту еден пензионер не смее да остане без поддршка, ниту без место каде што ќе се чувствува безбедно и згрижено“, нагласи Османи.
Третата мерка од програмата се однесува на картичката „Златни години“, која ќе обезбеди попусти во аптеки и при купување на секојдневни производи, преку партнерства со локални бизниси и синџири на маркети.
„Со оваа картичка ќе им го намалиме товарот на најважните трошоци, здравствените и основните. Таа ќе биде симбол на почит и грижа од општината кон секој пензионер“, рече Османи.
Во своето обраќање, Османи потенцираше дека во Чаир живеат над 7.400 пензионери, што е повеќе од 15% од возрасното население.
Тој порача дека оваа програма е резултат на неговата долгогодишна работа со повозрасни лица и дека нејзината цел е да обезбеди достоинствена старост и економска сигурност за секој пензионер во Чаир.