Првата рунда од индиректните преговори меѓу Израел и Хамас во Египет заврши во „позитивна атмосфера“, објави утринава египетската државна телевизија.
Се очекува преговорите меѓу Хамас и медијаторите во Шарм ел Шеик да продолжат подоцна во текот на денот.
„Египетските и катарските медијатори работат на двете страни за воспоставување механизам за ослободување на сите заложници во замена за затвореници“, претходно објави телевизијата Ал-Кахра Њуз во Каиро.
Разговорите се темелат на планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на борбите и ослободување на израелските заложници држени во Појасот Газа во замена за Палестинците држени во израелските затвори.
Разговорите започнаа еден ден пред втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната во Газа.