Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска ја поздрави објавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, за договор за ставање крај на војната во Појасот Газа, повлекување на израелските сили, дозволување влез на хуманитарна помош и олеснување на размена на затвореници.
Ова го соопшти палестинското Министерство за надворешни работи и иселеници на Х.
– Претседателот Абас изрази надеж дека овие напори ќе претставуваат вовед за постигнување на трајно политичко решение, како што објави претседателот Трамп, кое ќе доведе до крај на израелската окупација на Државата Палестина и воспоставување на независна палестинска држава во границите од 4 јуни 1967 година, со Источен Ерусалим како главен град, изјави Абас.
Тој исто така ја поздрави работата на Трамп и сите медијатори за нивните значајни напори во постигнувањето на договорот, потврдувајќи ја палестинската подготвеност да соработува со релевантните медијатори и меѓународни партнери за обезбедување на неговиот успех, со цел постигнување стабилност и траен и праведен мир во согласност со меѓународното право.
– Претседателот ја нагласи потребата сите страни да се обврзат на непосредна имплементација на договорот, вклучително ослободување на сите заложници и затвореници, влез на итна хуманитарна помош преку организации на Обединетите нации, спречување на раселување или анексија, и започнување на процесот на реконструкција, се вели во соопштението.
Абас повтори дека „суверенитетот над Појасот Газа припаѓа на палестинската држава и оти врската меѓу Западниот брег и Појасот Газа мора да се оствари преку палестинските закони и владините институции, преку единствена палестинска административна комисија и палестински безбедносни сили, во рамките на еден систем и закон, и со поддршка од арапските и меѓународните партнери“.