Управниот Суд, на седницата одржана на 6 октомври 2025 година, донесе Решение со кое ја отфрли тужбата на политичката партија Левица за поништување на Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година, донесено од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Како што посочуваат од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во образложението на Решението на Управниот суд, меѓу другото било наведено дека Агенцијата „во согласност со своите надлежности како јавен орган донела Упатство со кое го пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби од Изборниот законик“.
-Имено, со донесеното Упатство се појаснува начинот на примена на одредбите од Изборниот законик за распределба на времето за платено политичко рекламирање, распределба на времето во вестите кај Јавниот радиодифузен сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал и за обезбедување пристапност на содржините за изборниот процес. Со ова, како и со претходно донесеното Решение на Основниот граѓански суд – со кое како неоснован се одбива предлогот на политичката партија Левица за издавање привремена мерка за забрана на доставување на Упатството до комерцијалните медиуми, како и за доставување на извештајот за емитуваното платено политичко рекламирање до ДИК – само уште еднаш се потврдува дека Агенцијата постапува согласно законските прописи и професионално ги спроведува законските решенија, се наведува во соопштението од АВМУ.