Американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт најави документарна серија од шест епизоди за нејзината турнеја „Ерас“, којашто ќе има премиера на „Дизни плус“ (Disney+) оваа зима. Заедно со документарецот „Крајот на една ера“ (The End оf аn Era), таа најави и концертен филм за турнејата – насловен „Последното шоу“ (The Final Show), и сѐ тоа – околу една седмица по објавувањето на нејзиниот 12. студиски албум „The Life Of A Showgirl“ (Животот на една шоугерла).
Во промотивното видео, пејачката вели: – Луѓето сакаат да зборуваат за феномени, небаре е толку просто, како туку-така да се случило. Турнејата „Ерас“ не беше ни одблиску толку едноставна. Оваа турнеја е токму она кога секој од нас, кој направи толку многу труд – туркајќи сантиметар по сантиметар, стигна до таму каде што сите се здруживме. Ги срушивме сите рекорди што можете да ги срушите со оваа турнеја. Единственото нешто што останува е да ја затвориме книгата.
Музички ѕвезди, меѓу кои Ед Ширан, Сабрина Карпентер, Флоренс Велч и Грејси Абрамс, се појавуваат во видеото.
„Тоа беше крај на една ера и ние го знаевме тоа. Сакавме да го запомниме секој миг што водеше до кулминацијата на најважното и најинтензивното поглавје од нашите животи, па затоа им дозволивме на филмските работници да ја снимаат оваа турнеја и сите приказни вткаени низ неа додека таа се одвиваше. И, да го снимиме последното шоу во целост“, напиша Свифт до објавата.
Документарната серија првпат беше најавена во американската емисија „Добро утро, Америка“ (Good Morning America). Турнејата на Свифт навистина урна повеќе рекорди, па пејачката-милијардерка влезе во историјата и како прв солоуметник што настапи на стадионот „Вембли“ во Лондон осум пати на една турнеја.
Инаку, првите две епизоди од серијата и концертниот филм ќе бидат објавени на 12 декември.